7.9 C
Скопје

Виктор Мизо: Буџетот на државата не е неисцрпен бунар

Повеќе од 30 компании ја сочинуваат Асоцијацијата на странски компании, каде се вработени над 30.000 работници и речиси 60 проценти од извозот е нивни. За предизвиците со кои се соочуваат овие компании во време на пандемија, поддршката што ја добиваат од државата, како и очекувањата во периодот што претстои во интервју за МИА говори претседателот на Асоцијацијата на странски компании Виктор Мизо.

Пандемијата на Ковид-19 создаде голем број предизвици за работењето на компаниите. Колку компаниите, странските, па и домашните, се силни да ги надминат предизвиците и колку долго можат да издржат?

– Странските компании во најголем дел се мултинационални и имаат производство на различни места во светот, освен во својата централа. Oд финансиска гледна точка, тие се многу посилни од домашните, но сепак оваа криза ги афектира и нив. Само во автомобилската индустрија во Европа се очекува пад на производството и продажбата на возила за околу 25 проценти споредено со минатата година. Закрепнувањето ќе биде многу подолгорочно отколку во другите сектори. Врвот на глобалната продажба и производство на возила во светот беше во 2017 година, кога се произведоа 94 милиони возила и на таа бројка се очекува да се вратиме дури во 2025 година. Европа можеби ќе биде најпогодена. Азија и Северна Америка ќе се вратат на нивото од пред кризниот период побргу.

На најголем број од овие странски компании не им е неопходна финансиска поддршка заради ликвидност. Поддршката што ја даваше Владата, посебно третиот и сега четвртиот пакет е за задржување работни места и се користи како потврда пред нашите централи да покажеме како помага државата во случај на криза и на каков начин им излегува во пресрет на компаниите, за кога ќе прават споредби при изборот на локации во иднина да можеме да ја „продадеме” нашата локација во Македонија, како посоодветна за реинвестирање и проширување на бизнисот. Кај македонските компании мислам дека оваа финансиска поддршка е важна во голем дел и за самото нивно опстојување. Има две размислувања на оваа тема: дали државата треба да ги помогне сите компании, вклучувајќи ги и оние кои биле на граница на опстанок и во тешкотии и пред кризата, или само оние кои биле и се во добра кондиција и имаат долгорочна иднина и можност за просперитет и развој.

Дали поддршката што е доделена од државата преку четирите пакети антикризни мерки е доволна и дали таа треба да продолжи?

– Буџетот на државата не е неисцрпен бунар. Ќе има лимит до кога може да нуди помош. Ние не сме Америка, ниту Германија, и ќе има момент кога можностите на државата ќе бидат исцрпени. Од објективни причини, заради задолжување, буџетски дефицити и слично. Во првиот дел поддршката беше добра, но мислам дека треба да се направи адаптација на критериумите. Критериумот за поддршка од 14.500 денари и сега во поголема сума е директно поврзан само со падот на приходите споредено со минатата година, оние 30 проценти или повеќе. Тие 30 проценти беа апликативни за најголем број странски компании во април и мај, бидејќи Европа технички беше затворена и не работеше. Потоа, полека почнавме да се враќаме во игра и за четвртиот сет мерки реално ќе биде тешко дека некоја од овие компании ќе ги задоволи условите. Голем број странски компании, кои работат тука помалку од пет-шест години и сè уште немаат стигнато до оптимално искористување на своите капацитети. Тие секоја година инвестираат дополнително. Затоа, како алтернативен критериум сметам дека треба да се земе и колку секоја компанија инвестирала минатата година, споредено со својот обрт. Ако сте инвестирале 10, 15, па и 30 проценти од годишниот обрт во претходната година, тоа значи дека оваа година по автоматизам, дури и во услови на криза, ќе имате поголем обрт од минатата. Во нашата индустрија ние не споредуваме со минатата година, туку со планот за оваа година, затоа овој пад од 30 проценти не е апликативен во овој случај. Треба да се земе како алтетнативна опција што би значело колку инвестиции се реализирале минатата година во споредба со обртот за да се вклучи поголем опфат на компании преку мерките.

Прочитајте и...  Маја Дамевска од Прилеп конечно ќе ја добие биолошката терапија!

Пакет-мерките дали може да ги користат и странските компании?

– Да, тие формално важат и за странските компании. Во третиот пакет имаше коментари зошто некои од овие компании добиле најмногу помош. Некои од нив добија над еден милион евра месечно од причина што тие се најголемите работодавачи во државата. Од таа гледна точка посебно трудоинтензивните компании реално дека се повеќе погодени од кризата. Капитално интензивните компании како што е КОСТАЛ, не дека се помалку погодени, но одговорно тврдам дека во секое работно место е многу вложено: како во изборот на кадарот така и во обуката бидејќи најголем дел од производството е полуавтоматизирано или автоматизирано. Ние како компанија не само што не го намаливме бројот на вработени, туку го зголемивме. Ако минатата година ја завршивме со 500 вработени, годинава треба да ја завршиме со околу 900. Континуирано вработуваме и технички кадар и луѓе во производство, дури и во изминатите осум месеци.

Со какви тешкотии се соочуваат странските инвестиции со оглед на фактот дека работат за извоз?

– Ние почнавме да ја чувствуваме кризата од средината на јануари. Најголем број добавувачи на производи од електроника доаѓаат од Кина. Целиот синцир на носење суровини беше под огромен притисок, многу од тие компании беа целосно затворени или го имаа минимизирано целото производство. Тоа влијаеше на можноста ние да ги услужиме нашите европски клиенти. Потоа со затворање на фабриките во Западна Европа во април и мај и ние моравме драстично да го намалиме нашиот обем за работа. Во нашиот случај во КОСТАЛ околу 10 проценти од нашата работа е за БМВ во Кина. Никогаш технички не ја затворивме фабриката, но имаше голем број странски компании, кои во период од неколку недели мораше да го запрат производството. Во изминатите четири недели, откако има драстичен пораст на бројот на заразени во Европа, некои европски добавувачи, поради прогласената виша сила, веќе не можат да ги задоволат обврските кон нас за одредени компоненти – метални, пластични и слично. Мораме да бараме алтернативни начини и опции на добавувачи, бидејќи не смееме да го запреме производството. Од друга страна, во Западна Европа поради новите регулативи за издувни гасови од јаглерод диоксид, голем број од компаниите, крајни произведувачи на возила, посебно за премиум електрични и хибридни, сакаат да изработат и да склопат што е можно повеќе возила пред крајот на годината за да може да ги намалат пеналите што ќе ги плаќаат кон европските надлежни тела. Заради тоа во моментот имаме многу работа. Но има два проблема тука. Прво ковид-состојбата во Македонија влијае врз сите компании, иако ги запазуваме сите мерки за заштита. Речиси секоја од компаниите има одреден број заразени, но и луѓе кои се во самоизолација поради контакти. Тоа влијае врз нормалниот процес во производството. Мора да се работи и во викенд за да се задоволат нарачките. Во Европа има земји каде има 5, 10, па и над 20.000 заразени на ден. Тоа влијае директно и врз нивната можност да произведуваат, но и врз сентиментот за трошење и купување нови возила. Сметам дека ова забрзано темпо на работа ќе трае уште две-три недели. Околу Божик се затвораат фабриките во Западна Европа и веројатно е дека намалувањето на побарувачката ќе продолжи во јануари или февруари, можеби не со исто ниво како во април и мај годинава, но очекувано е да има забавување.

Прочитајте и...  ВИДЕО | Андоновиќ: Навални, нова провокациска доктрина или рестартирање на односите на САД и Русија

Дали и колку е намалена побарувачката и дали има отпуштени работници од овие странски компании?

– Во моментот нема отпуштање работници. Имаше период кога кај некои од компаниите имаше влијание на бројот на вработени, но не беа отпуштени, во класична смисла на зборот. Крајот на летото и почетокот на есента побарувачката во Европа се зголеми и голем број компании веќе ја стигнаа преткризната бројка, а некои и ја зголемија.

Рековте дека од јануари очекувате намалување на побарувачката. Дали можеби тогаш ќе се намали бројот на работници во компаниите?

– Тешко е да се каже, бидејќи ќе зависи до кој степен ова намалување ќе се осети. Некои од компаниите во автомобилскиот сектор велат дека ќе имаат продолжено божикно затворање. Сето тоа зависи како здравствената криза ќе се одрази кон работата и кон мерките за заштита. Бидејќи голем број од земјите од Западна Европа се во карантин. Но, јас не сум сигурен дека одеднаш во декември сè ќе се подобри. И доколку дојде до олабавување на тие мерки во периодот околу католичкиот Божик, што треба да очекуваме во јануари, ризици постојат, но до кој степен ќе бидат изразени тешко е да се прогнозира однапред.

Дали има најавени инвестиции што треба да се реализираат и покрај ковид-кризата?

– Она што ние како странски компании сакаме да го поздравиме е тоа што Владата излезе во пресрет на нашето барање за усогласување на царинските стапки со царините што постојат во Европската Унија. Првата фаза на тоа усогласување почна од 1 ноември годинава и во следниот период ќе пристапиме кон целосно законско адаптирање на овие царински стапки. Ова е само автономна мера, која ќе трае една година, но сме во контакт со институциите ова да го решиме перманентно. Со претстојното усогласување на царинските стапки ќе бидеме на исто ниво на конкурентност како другите земји во ЕУ. Мислам дека ова ќе придонесе дополнителни инвестиции и креирање нови работни места од страна на постојните инвеститори во државата.

Сега имаме начин пред нашите централи да презентираме дека сме на исто ниво на конкурентност со ЕУ и зошто да не реинвестираме нешто во Македонија.

Во периодот што претстои поголем фокус да се даде на институционалната грижа (after-care) и на поддршка и сервисирање на постојните инвеститори. Сметам дека ако бидат решени забелешките и проблемите со кои се соочуваат постојните инвеститори, тоа ќе значи дополнителни инвестиции и реинвестирање од нивна страна. Ова е многу полесно и поефикасно отколку надвор да бараме нови инвеститори посебно, во вакво кризно време. Ако компаниите се задоволни од работата тука, тие ќе бидат наши најдобри амбасадори кон други компании во нивните сектори.

Имаме ли доволно стручен кадар, кој може да одговори на барањата, особено во помалите општини?

– Точно е дека секогаш недостига соодветен кадар. Голем број од луѓето во производство кај нас имаат факултетско образование, но не соодветно на потребите и мораме да ги вклучиме во процесот на дообучување. Ние бараме инженери, да најдеме сега 10-15 веднаш ќе ги примиме на работа. Тие ќе имаат добра, квалитетна, сигурна работа по меѓународни глобални стандарди каде ќе имаат начин на учење, но и хиерархиско напредување, кое нема да биде по ниту една друга основа освен по знаење и резултатити. Барање од нас како Асоцијација на странски компании е да се примени регионален пристап кон привлекување странски инвеститори и нивна поддршка. Секаде во Европската Унија не значи дека добивате иста поддршка ако инвестирате во главниот град и во некои други градови. Пример во Чешка, во Прага во моментот поради нивото на БДП по глава на жител споредено со просекот во ЕУ бенефициите се минимални, но ако одите во некој град оддалечен на неколку часа од Прага тоа нема да биде исто. Слично е и во Полска и насекаде низ Источна Европа. Ние имаме шест плански региони. Ако на потенцијален инвеститор директно не му посочите со објаснување зошто да ја лоцира инвестицијата некаде во внатрешноста, по линија на помал отпор секој би инвестирал во Скопје – главен град, факултети, аеродром, има сè што е потребно како инфраструктура. Дел од трудоинтензивните компании на почетокот се лоцираа на различни места низ државата, затоа што таму имаше посоодветна работна сила. КОСТАЛ дојде во Охрид, бидејќи сметавме дека во рамките на поранешно ЕМО Охрид, но и целата индустрија што постоела во регионот ќе најдеме соодветен кадар, кој има индустриска традиција и техничко предзнаење. Но, ако се дава поголема помош за инвестирање надвор од главниот град, како и помош за обуки и подобрување на вештините на работната сила тоа ќе биде дополнителна стимулација. Кога некој ќе излезе од факултет или од средно, за жал, не е апликативен за нашата работа. Треба да поминат низ соодветен процес во некој временски период во зависност од позицијата, некогаш и по една година да ги дообучуваме нововработените. Тоа значи трошок на компанијата, не само во ресурси за обучувањето, туку и изгубена една година од нечие време да стане продуктивен.

Прочитајте и...  Пописот во АД Македонија

Колку компаниите се подготвени да ги земат средношколците од техничките училишта и факултетите на пракса, додека учат и студираат паралелно и да работат?

– Работата со обучен технички кадар е многу важна и нормално, тоа да биде соодветно вреднувано и платено. Ова е трета година од реализацијата на договорена соработка со средното училиште ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски” од Охрид каде има два класа – мехатроника и ЦНЦ-техничари. Во програмата се вклучени средношколците до трета година, а како дополнување на програмата, организираме и феријална пракса пред завршување на годината, по што, на дел од нив, им нудевме вработување. Исто така, имаме летна платена пракса за студенти од техничките факултети, при што на оние кои не се од охридско-струшкиот регион им ги покриваме трошоците за сместување. Праксата е во траење од девет недели, но заради пандемијата, годинава праксата се спроведе во пет недели. На најдобрите студенти им нудиме стипендија за четвртата година на факултет, димпломска работа поврзана со работата на компанијата, а по завршување на праксата добиваат и понуда за работа во КОСТАЛ. Во палетата на можности за младите луѓе, имаме уште една програма „Инженери на тренинг”, во која штотуку дипломираните инженери практично се обучуваат во КОСТАЛ за потоа да станат наш драгоцен кадар во редовен работен однос.

Во изминатиот период привлековме кадри од сите краеви на државата, а некои од нив водени од квалитетот на живот во регионот се преселија со семејствата тука. Впрочем, она што го нудиме како технолошки напредна компанија, во комбинација со природните убавини на Охрид и регионот, се примамливи за секој професионалец.

Поврзани вести

Гувернерот на англиската Банка: Криптовалутите веројатно нема да потраат

Слободен печат

Пописот во АД Македонија

Жарко Јорданоски

Петров: Следува петти пакет мерки, 2021 е година за рестарт на македонската економија

Слободен печат

„Гласен текстилец“: Не потпишувајте спогодбени откази, нема веќе надомест

Ковид-19 ги „секна“ средствата за регрес за 27.000 буџетари

Соња Кириџиевска

Скокаат пред возило и глумат повредени за да изнудат пари

Горан Наумовски

Остави Коментар