Виенска иницијатива во Скопје: Инфлацијата забавува, но рано е да објавиме победа, треба внимателни политики

„Нашата нова реалност е – несигурноста е денешната сигурност“, беше повеќепати кажано на панел-дискусија на која се потенцира дека мора да има соработка меѓу централните банки, а на национално ниво координација на монетарната со фискалната политика. Критики се упатија на растот на платите без соодветна нова додадена вредност

Сите земји со отворена економија, како што е и Северна Македонија која е една од најотворените во Европа, имаат бавно закрепнување. Инфлацијата забавува, но рано е да објавиме победа. Соработката и координацијата на централните банки е клучна во време на кризата, а монетарната политика мора да кореспондира со фискалната политика. Нашата нова реалност е „несигурноста е денешната сигурност“.

Ова се главите поенти од панел-дискусијата во рамките на годинешната конференција на Виенската иницијатива, која се одржува денес и утре во Скопје, а чиј домаќин е Народната банка.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска вели дека отвореноста на нашата економија е таква што надворешната трговија е 140 отсто до бруто-домашниот производ.

Високата зависност од храна и енергенси особено се одразува на најранливите категории граѓани. Ние сме многу енергетски неефикасна земја. Трошиме трипати повеќе енергија за единица бруто-домашен производ од Европската Унија. Важно е и да се подобри конкурентноста на надворешните пазари. Владините мерки имаат мешовит фокус, но повеќе се насочени кон ранливите категории граѓани – рече гувернерката.

Таа објасни дека во иднина инфлацијата во отворените земји како нашата доминантно ќе зависи од три фактори. Прво, од глобалните синџири на снабдување и тоа е надвор од нашата контрола. Второ, што не може да се случи преку ноќ, но на кое работиме, е промена во структурата на економијата и тука имаме позитивни придвижувања во однос на вложувањата во обновливите извори на енергија. И трето е одржување на прудентен макроекономски микс.

Зборувајќи за неопходноста од поврзувањето на монетарната со фискалната политика Ангеловска-Бежоска рече дека „треба да се спречи растот на платите без тоа да биде поврзано со раст на продуктивноста“.

Учесниците на панелот се согласија дека во сите земји за да се амортизира растот на инфлацијата има раст на платите, но дека е недозволиво тоа да се случува без притоа да се прави нова додаден вредност.

Во однос на растот на профитните маргини во време на криза Ангеловска-Бежоска рече дека постојат такви сектори, но дека не треба да се генерализираат работите и дека допрва за тоа прашање ќе има анализа.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во чии раце е фискалната политика рече дека се внимава на усогласеноста со монетарната политика и дека во буџетскиот дефицит значаен дел се одвојува за справување со енергетската криза.

Се соочивме со многубројни кризи и тие се нашата нова нормалност. Во 2020 година финансиските пазари беа достапни со добра цена и тоа ни овозможи да ја амортизираме кризата од пандемијата и главно сите земји го зголемија јавниот долг за 10 проценти од БДП, а имаше такви што го зголемија и 20 проценти. Но, никој не можеше да предвиди што ќе се случи во Украина, а тоа донесе нови цени на финансиските пазари – рече Бесими нагласувајќи дека во наредните 5 години остануваат зацртаните цели – буџетскиот дефицит да биде до 3 проценти од БДП, а јавниот долг 60 отсто, што е голем предизвик.

Потпретседателката на Европската инвестициона банка Лилјана Павлова порача дека одржливото инвестициско трошење и натаму ќе биде клучниот двигател на растот во Европа, и од јавните, и од приватните субјекти.

Сметаме дека одржливите инфраструктурни проекти не треба да се одложуваат, бидејќи тие овозможуваат активности во синџирот што инаку не би биле возможни. Затоа, инвестициите мора да бидат концентрирани на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, иновациите, дигиталните и одржливите инфраструктури, во согласност со приоритетите на секоја земја во која работиме – истакна Павлова.

На панел-дискусијата беше речено и дека има раст на недвижностите во сите земји. Како посебен пример се спомена Словачка каде што има најголемо зголемување на цените. Словачка е и втора земја во ЕУ по сопственици на имот.

Домаќинствата во Словачка го дуплираа своето задолжување во последната деценија и во тоа сме шампони во ЕУ – рече гувернерот на Народната банка на Словачка, Петер Кажимир.

Тој посочи дека имале стрмен раст на стапките на хипотекарните кредити, и дека домаќинствата се справиле со тоа, но дека ја фиксирале каматната стапка.

Гувернерот на централната банка на Црна Гора, Жугиќ, се осврна на неодамнешните зголемувања на платите во оваа земја, потенцирајќи дека тоа не биле придружено со раст на продуктивноста.

Платите го подигнаа нивото на побарувачката, не само на производите и на услугите, туку и на кредитите, a може да се каже и дека на краток рок ја зголемија даночната основа. Сепак, на среден рок, ова ќе прерасне во голем фискален проблем бидејќи буџетскиот дефицит ќе се зголеми, а ќе се зголемат и трошоците за негово финансирање – рече Жугиќ.

Виенската иницијатива обезбедува платформа за носење одлуки и координација заради спречување на системските банкарски ризици, како и за услови за непречени кредитни текови во економиите во регионот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот