Видете вака, бите, без брзање

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Веста дека германскиот Бундестаг има намера да воведе контрола на брзината на последната делница во земјата каде што нема ограничување на брзината, нè схрва. За оние што не стојат добро со српскохрватскиот, да појаснам – нè здроби, нè здрви, нè смрзна… Па, добро бе, Немци, па има ли смисла?

И го симнува погледот од лаптопот и во погледот блага паника и неверување. Немо, без збор, ми го подава мене. Читам. За момент останувам без зборови, што не е нешто што често ми се случува. Ама ете. Го делиме неверувањето, делумно и паниката, а полека, полека и незадоволството, разочарувањето, лутината. Не стигнавме до очај, ама натаму некако оди. Ајде, велам, можеби уште оваа година ќе куртулиме, па од идната, да сме живи и здрави, ќе видиме што и како. Зашто, веста дека германскиот Бундестаг има намера да воведе контрола на брзината на последната делница во земјата каде што нема ограничување на брзината, нè схрва. За оние што не стојат добро со српскохрватскиот, да појаснам – нè здроби, нè здрви, нè смрзна…

Па, добро бе, Немци, па има ли смисла? Па, знаете ли вие дека сме напатените тука, како забавена снимка станавме, спаднавме на тоа да им завидуваме на скутерџии и на велосипедисти. И планираме и ова лето со автомобил да дојдеме во татковината, сонуваме за патувањето цела година, а вие така? Па, има ли смисла, ве прашувам, има ли смисла? М?

Добро, фино е тоа за делот низ Франција, каде што се поправија, па сега може човек да се напие пристојно кафе, а не топла браон водичка по прекрасниот ручек од „ентрекот авек фрит“. Таму знаеме колку се може, колку не. И за делот низ Австрија каде што сме на штрек зашто сообраќајните полицајци таму како да се први братучеди со македонските, па се кријат по грмушки со тоа пиштолите за контрола на брзината, ама па затоа во Виена се јадат најдобрите ребра со додатоци во „Кај сиромашниот студент“. И за Италија каде што скршнуваме понекогаш чисто колку да видиме дали Лука е на место и дали примитивото и пестото и моцарелата уште имаат подобар вкус отколку  во Лондон. И дали суфлето на снашката Маја во Загреб пак ќе ѝ успее за разлика од моето кое упорно пружа отпор да се одлепи од садот, па кренав раце. За Словенија и за Унгарија, што помалку, тоа подобро – за траумите од платените казни (за ништо, велам за ништо) и за малтретирањето на границите, што помалку, тоа подобро. Извини Ана, зело те имам рад, ама оние патролџиите, поголеми католици од папата. А за Унгарија – каков газда, такви слуги. Реков што помалку, но изгледа траумите уште свежи…

Федерфуфни наштелувани

Ама, да се планира да се уништи едно друго задоволство, заради кое една година ја возевме Германија намерно двапати и не брзавме да се вратиме дома во Лондон, е тоа навистина нема смисла. Онаа, знаете вие, последната делница на која може да се види што ви продале во автосалонот и дали добро ги наштелувале „федерфуфните и цинцилаторите“ (толку знам за автоделови, ама ептен знам и уживам да возам) и на рамниот автобан убавиот автомобил да покаже што знае и умее. И ветрот да ги носи бујните коси! Кој ги има, се разбира, ама убајна, велам убајна!

Зашто тука ние од 20 милји на час не мрднавме. Има неколку делници кои се со 30 и 40 милји на час, главно оние што поврзуваат две населени области, ама каде што има луѓе, има и 20. „Твенти ис пленти“ е девизата, дваесет е доволно, доста, многу, па, па, па… Плус, тука улиците се тесни уште од викторијанска доба, потоа стеснети со тротоари и со велосипедски патеки (лондонски велосипедски хајвеј) и постојано дополнително се стеснуваат и се прават на цик-цак, за уште повеќе да се смири сообраќајот. Теоретски, и да сакаме да збеснеме, нема шанси, ама нели, секогаш ќе се најдат некои што ќе ги фати „жолта минута“ и ќе претераат или други што ќе решат да бегаат од полицијата, зашто се криминалци или едноставно ќе погледнете некој излог и ногата ќе ви мрдне малку повеќе на педалата за гас и потоа ќе ве сними камера и ќе ви стигне „честитка“ од полицијата дека сте возеле побрзо од 20 милји на час и ќе треба да платите 130 фунти, или 65 ако платите веднаш.

Плаќање ко попче

И нема тука го знам Миле од Пролече, туку има плаќање ко попче! Впрочем, плати и попчето – пред  две недели надбискупот од Кентербери беше фатен како вози 25 милји на час во зона каде што беше дозволено 20, беше казнет и мораше да плати казна. А ние веќе една недела се занимаваме со брзото возење на министерката за надворешни работи Суела Браверман, онаа што стана славна зашто сака азилантите во ЈуКеј да ги праќа со авиони во пријателската земја  африканска Руанда, таму да си ја најдат среќата. Беше обнародено дека Суела минатата година направила прекршок и била фатена за брзо возење, ама стана актуелно деновиве. Не дознавме колку брзо, ама призна дека возела брзо, дека си ја платила казната и дека кога морала да избира дали сака три казнени поени на возачката или да оди на часови за поуки за прекршители, одбрала да добие казнени поени и ги ангажирала нејзините во министерството да видат дали може да оди на часови приватно, да не се резили јавно во група или, уште полошо,  да си играат, не дај боже, мајтап со неа „клетите новинари“.

Па имаше дискусии, анализи, дали треба да си поднесе оставка, дали го прекршила министерскиот кодекс на однесување или не, дали ја довела функцијата, а со тоа и владата, во непријатна, односно во неприфатлива положба, сè додека конечно премиерот Риши Сунак реши дека Суела може да остане. Таа, која е миленичка на ултрадесните конзервативци, по вторпат го крши министерскиот кодекс  на однесување и Риши ја толерира за мир во партијата, но верувам дека нема да има третпат.

Градоначалникот Садик Кан има намера и цел Лондон да го направи не само зона со 20 каде што ќе можат да се возат само хибридни и електрична возила (сега е само половина град), туку и град со чист воздух. Тоа е фино и убаво и за почит. И она возењето со 20 на час, велат, е потребно, зашто спасува човечки животи. Во ред, ајде, да се сложиме и со тоа, макар што сето ова е некоординирано. Од една страна спасуваме човечки животи, но од друга се редиме во колони низ Лондон поради тесни улици и сообраќајни метежи со обични, хибридни, дизел и електрични возила. И бели комбиња. Но, тоа е друга приказна…

И додека чекаме Лондон да стане велосипедски рај и велосипедистите да ги научат сообраќајните правила, некои тука ќе сонуваат за германските автобани, автобанови (?) писти, луѓе писти, каде што еднаш-двапати во годината ќе можат да уживаат во возењето по сите правила и прописи на таа делница. Бите, хер парламентарец, без брзање.

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот