ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Живојин Глишиќ: Големата приказна во музиката е во едукацијата

Живојин Глишиќ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Еден од нашите најплодни и најеминентни композитори, аранжери и долгогодишен професор на Факултетот за музичка уметност, професорот Живојин Глишиќ гостуваше во утринската емисија „Слободен печат“, каде зборувавме за неговиот професионален пат и творештвото кое го оставил зад себе како дел од музичката култура и историја на Македонија.

Зборувајќи за самите почетоци и интересот за музиката кој му се родил уште од раното детство, тој вели дека најголемо влијание врз него имал нашиот истакнат легендарен македонски композитор, диригент и музички аранжер Драган Ѓаконовски – Шпато.

– Тешко е да се дефинира зборот гениј, уште науката не расчистила со тоа, но во онаа смисла, во која, во музиката се третира зборот гениј, сметам дека Драган Ѓаконовски – Шпато беше гениј. Јас имав можност да учам со неговиот син до осмо одделение и така покрај Шпато, покрај целата дискографија која тој ја поседуваше, јас некако, народски кажано се „навлеков“ на нешто што не е вообичаено. Се навлеков на џез, бразилска музика … Во тоа време моите другари слушаа рок, тоа што го слушаа сите. Едноставно немам зборови како да ја опишам неговата моќ за сè она што тој го направи без да се наобразува. Тој беше феномен, неговиот ракопис беше нешто посебно, извонредно, како да ги завршил сите школи, а без образование. Тоа го можат само генијалци, а ние тука имавме еден таков генијалец. Првата композиција која ја напишав за „Скопскиот фестивал“ му ја дадов на Шпато да ја види и тој не ми најде ниту една грешка. И ми рече: „Најважна е идејата, идејата немој ни мене никогаш да ми ја кажуваш“ – вели Глишиќ за влијанието кое на него го оставил Драган Ѓаконовски – Шпато.

Со многу композиции, аранжмани, бројни признанија и награди за својата работа, биографијата на Живојин Глишиќ сама по себе зборува за тоа колкаво наследство ни оставил професорот, како на публиката, така и на сите следни генерации кои ќе се одлучат да го одат неговиот професионален пат.

– Прво сум добитник на 23 награди за најдобар аранжман, на сите фестивали што беа во Македонија, „Скопскиот фестивал“ „Валандово“, „Интерфест Битола“, „Макфест“, дури и за ромскиот фестивал добив награда за аранжман. Имам направено околу 450 аранжмани од разни жанрови. Тука се и оние кои ги правев во сфера на џезот со „Биг бенд оркестарот“ на МРТВ. Голема е бројот, кога отидов во пензија напишав симфонија „Убави денови“ и беше изведена по повод 30 години од осамостојувањето на Македонија. Редовно се настапува на „Денови на македонска музика“, редовно се настапува секаде каде што можам да аранжирам или да придонесам на кој било начин. Мојата идеја секогаш беше да делувам позитивно и да одам чекор напред професионално во аранжирањето, затоа што тој професионален момент кај нас недостасуваше, секогаш трчавме по некого, секогаш се обидувавме некого да стасаме. Меѓутоа, луѓето не обрнуваат внимание на тоа дека големата приказна е во едукацијата. Секогаш човек, поаѓајќи од себе, лично, знае да се „залепи“ за нешто што му е најблиско, не е способен и не е во состојба да ги согледа, оние професионални моменти кои се потребни. А каде и да отидете, прво ви ја гледаат професијата, па потоа идејата – вели Глишиќ.

Целиот разговор со професорот Живојин Глишиќ можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот