ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Синтезис“ прослави 30 години јубилеј: Публиката плачеше кога излегуваше од концертот во Филхармонија

Синтезис/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Етносоставот „Синтезис“ оваа година го одбележува својот 30-годишен јубилеј, кој беше заокружен со спектакуларен концерт во Македонската Филхармонија. Тие се еден од најважните и најголеми чувари на традиционалната музика, култура и уметност во Македонија и амбасадори на истата во светот. По тој повод двајца членови од „Синтезис“, Радослав Шутевски-Шуте и Гоце Димовски гостуваа во утринската емисија „Слободен печат“, каде споделија дел од импресиите, искуствата и плановите на групата која повторно докажа дека ги заслужува сите аплаузи добиени насекаде во светот.

– Јас можам да кажам дека после толку години имав трема на овој концерт. Публиката после секоја песна стануваше на нозе, имаше овации и прекрасно нè прифатија. Ние се потрудивме да отсвириме најпрофесионално што можеме и навистина беше еден од подобрите концерти во Скопје и во Македонија, кои сме ги имале досега. Луѓе кои ни се постојани гости на концертите кажуваат дека било посебно доживување, дури и многу од нив плачеа кога излегоа надвор – ги раскажа своите импресии од концертот Шуте.

Воопшто не е мала работа да се опстане 30 години на музичката сцена, особено во Македонија. И не само да се опстане, туку и да се биде успешен и да се отсвират повеќе од 500 концерти на сите континенти на Земјата. И покрај толку концерти, тие потврдија дека навистина им е најтешко и чувствуваат најголема одговорност кога свират пред својата, домашна публика.

– Нашата публика најдобро го чувствува тоа што е наше. И секако дека имаме голема одговорност, но и благодарни сме на нашите предци, како мојот татко, кои ни оставиле во наследство да ја продолжиме оваа традиција, така што имаме од каде да црпиме. Горди сме на тоа што го имаме и внимаваме на кој начин ја обработуваме музиката, за да може да допре до сите – вели Гоце Димовски.

Автентичниот традиционален звук особено кај пејачката група во составот им е многу важен сегмент од музиката, затоа се трудат да не го менуваат стилот и начинот на вокалната изведба која ја „пресликале“ од оригиналните пејачи.

– Ние сме едноставно фамилија, се дружиме и приватно. Сите имаме свои проблеми и приватни работи, но кога е „Синтезис“ во прашање сите сме „едно“. Јас сум среќен што сум со овие млади момци и додека можам да работам ќе работам. Кај нас нема шеф, ние сите заедно ги правиме аранжманите, заедно ги работиме, а девојчињата доаѓаат на крај за пеењето како шлаг. Тоа е нашата музика и мислам дека сме единствени кои не менуваме ништо во пеењето. Нашите девојчиња пеат како што нашите баби ги пееле песните. Ако еден Сариевски, Бадев или „Бапчорки“ го отпеале така, тоа така треба и да се отпее – вели Шуте.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот