ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Сања Лукаревска, пратеничка: СДСМ е подготвен за фрлената ракавица на ВМРО-ДПМНЕ

Сања Лукаревска / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

СДСМ навистина има огромен број на членови, некои од нив си ја искористиле шансата, а некои од нив ќе добијат нова шанса и за секој од нив има место, зашто не значи дека само раководството е тоа што треба да се пополни, тука имаме и комисии што работат во различни области, ќе имаме нови претседатели на општинско ниво, бидејќи се подготвуваме за локалните избори и тоа ќе биде конгломерат од искуство, младост, желба и оној жар што мислам дека му недостасува на СДСМ за да продолжи понатаму, вели Лукаревска.

Пратеничката Сања Лукаревска и довчерашна потпретседателка на СДСМ, смета дека партијата треба да продолжи во наредниот период да делува со ново раководство, со цел да се реформира партијата по лошиот резултат остварен на последните парламентарни и претседателски избори, кога тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ однесе убедлива победа.

– Јас сум пратеник во Собранието и таму мислам да го дадам својот придонес, сум била дел на структурите на СДСМ, како дел од Извршниот одбор, заменик претседател, така што време е за нови лица коишто ќе овозможат структуирање на СДСМ кое е неопходно, а поддршка на новото раководство ќе дадеме сите, и јас и целата пратеничка група – изјави Лукаревска.

Во утринската програма на „Слободен печат“ таа истакна дека партиското другарство треба да биде обележје за СДСМ.

– Само така ќе успееме да се носиме со новите предизвици, иако сега знаеме дека сме во една специфична ситуација како партија, која е корективна и конструктивна, но по еден таков пораз не може работите така брзо да се сменат, туку треба и време да помине – додаде таа.

Ликаревска смета дека во СДСМ има доволен број на нови лица, кои не се оптоварени во очите на јавноста на каков било начин.

– Мислам дека има. СДСМ навистина има огромен број на членови, некои од нив си ја искористиле шансата, а некои од нив ќе добијат нова шанса и за секој од нив има место, зашто не значи дека само раководството е тоа што треба да се пополни, тука имаме и комисии што работат во различни области, ќе имаме нови претседатели на општинско ниво, бидејќи се подготвуваме за локалните избори и тоа ќе биде конгломерат од искуство, младост, желба и оној жар што мислам дека му недостасува на СДСМ за да продолжи понатаму – смета Лукаревска.

За тоа дали СДСМ е подготвен за предвремени парламентарни избори, таа вели дека тоа нема да биде проблем за партијата.

– По овие внатрешни процеси што се прават во партијата, секако дека ќе треба да покажеме дека сме дел од идниот процес и тоа за нас не менува ништо бидејќи секако ќе се подготвуваме за локалните избори коишто треба да се одржат во октомври и доколку има вонредни парламентарни избори подготвени сме да ја прифатиме фрлената ракавица. Се прават анализи на дневна и месечна основа, какво е расположението кај граѓаните и можам да кажам дека она што сега ни го нуди власта и она што ние го нудиме преку законски решнија пред сè – тврди Лукаревска.

За претстојните локални избори, таа прецизираше тека темелно и внимателно ќе се бираат кандидатите. Што се однесува до актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Лукаревска вели дека има голема дискрапанца помеѓу тоа што беше говорено и ветувано во кампањата и начинот на кој владините претставници сега се однесуваат, откако се на власт.

– Заврши медениот месец на Владата, видовме одредени дисонантни тонови, зошто едно слушавме кога беа во опозиција и тоа беше бранот на којшто се водеа нивните политики и оние гласови што ги земаа, а сега слушнавме дека Преспанскиот договор е ремек дело на надворешната политика, додека пред тоа говореа дека ќе има ревидирање. За одредени работи поврзани со надворешната политика слушавме еден наратив додека беа во опозиција и бевме жестоко обвинувани за сите чекори коишто ги преземавме, иако сметам дека лошиот резултат на СДСМ на изборите беше постојаниот раст на евроскептицизмот, што недоволно го зедовме предвид во нашите стратегии и програмски определби – вели Лукаревска.

Таа додава дека понекогаш членовите на владејачката партија, според неа, се однесуваат како уште да се опозиција и го обвинуваат СДСМ, иако сега нејзината партија е опозициска.

За обвинувањата дека поседува лажен сертификат за познавање на англиски јазик, Лукаревски кажа дека тоа не е точно, а ги повика институциите тоа да го истражат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот