ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Русмир: Првите шест месеци по преселбата во Виена бев слика без тон

Зоран Русмир / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Како се живее во Виена, тешка ли е адаптацијата и преселбата од Македонија, се дружат ли меѓусебно Македонците? Во емисијата „Слободен печат“ разговараме со нашинот дописник од Виена, Зоран Русмир.

– Селењето во Виена беше случајно, пред 23 години. Адаптацијата доста тешка. Морав знаењето на англискиот јазик да го потиснам за да може германскиот да си дојде на свое место. Наоѓањето на работа не беше проблем, но адаптацијата, иако тешка, среќна околност беше работењето со Австријци. Да бидам до крај отворен, првите шест месеци бев слика без тон. Не постоеше добар ден и довидување. Многу колеги беа пријатни кон мене и ми објаснуваа сè, од поими, реченици… Со тек на време се учат сите правила и прописи во една држава – вели Русмир.

Првиот културолошки шок го доживеал во текот на зимата 2012/2013 година.

– Падна еден голем снег во Виена, ми се чини дека е последниот најголем снег во Виена, можеби еден метар. Додека одев на работа утрото луѓето од градско зеленило со багери го чистеа снегот, го товараа во камиони и тие камиони се губеа негде. Доаѓаат нови празни камиони. Прашувам еден од работниците, тие велат дека до 7 часот наутро, кога одат луѓето на работа, снегот мора да биде исчистен. Каде одите, викам, со тој снег? Велат, ние го фрламе во Дунав – вели Русмир.

Полицаец со брада и мустаќи му бил вториот шок, а за третиот вели и ден денес се чуди.

– Во викендите на секоја една сијалица, столпче, стоеше најлон кеса со касичка. Во кесите имаше дневни весници. Луѓето земаа весник, оставаа паричка во касичката и си одеа – вели Русмир.

За јазот помеѓу Австрија и Македонија во сегашно време вели дека е многу голем, многу драстичен.

– Народот би требало тотално да се смени, да ја смени перцепцијата за животот, за тоа како треба да изгледа еден град. Откако во 2001 се отселив во Виена, јас не бев влезен во Македонија 8 години. Прв пат влегов во 2008 година во јануари. И тоа Скопје сè уште имаше душа. Сега после секое доаѓање јас сум духовно болен – вели Русмир.

На прашањето колку Македонци има во Виена и дали се дружат меѓу себе, тој вели дека и таму како и овде политиката ги раздвојува луѓето.

– Ако се од Прилеп се дружат со прилепчани или фамилијарно, се прават мини заедници. Така и се вработуваат. За разлика од Македонците, Босанците и Србите имаат големи заедници, се дружат многу меѓу себе – вели Русмир.

Русмир е фотограф, за себе вели дека фотографијата од хоби му станала професија. Првиот фотоапарат го добил од татко му, а првите фотографии ги направил на неговата полуматура. Посетувал курсеви, обуки, за на крај да заврши и Академија за фотографија и медија дизајн во Виена. На прашањето дали се живее од фотографија, Русмир вели дека тоа зависи од карактерот на фотографот.

– Јас конкретно праќам фотографии на натпревари по светот каде што има и награди, има и дипломи. Живеам за фотографијата и со фотографијата. Патувам многу и освен спомени со себе носам и многу фотографии. Во оваа година конкретно, имав две дијаметрално спротивни патувања. Едното патување ме врати во XIX век, и другото ме однесе во XXII век. Првото Мароко, второто Литванија, Летонија, Естонија и Финска – вели Русмир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот