ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Проф.д-р Спиридонов: Ќе имаме жешко лето со тропски ноќи, суша и можни пожари

Проф. Д-р. Владо Спиридонов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Државава ја зафати топлотен бран кој трае неколку денови. Утре и во сабота температурите ќе достигнат до 40 степени целзиусови. Дали ќе има почести вакви топлотни бранови со тропски ноќи, до кога ќе траат пеколните температури и кога треба да очекуваме заладување, утрово во емисијата „Слободен печат“ разговараме со професор д-р Владо Спиридонов од Природно-математичкиот факултет во Скопје. Професорот вели дека со неговата алатка НОТХАС која се користи за истражувачки цели, предвидуваат дека пеколните температури ќе завршат со викендот. Од понеделник можни се суперклеточни бури, локално невреме и малку пониски температури.

– Во неколку мои наврати пред 1-2 месеци, упатував на тоа дека оваа година ќе имаме потопло лето и зголемени температури за 1-2 степени во однос на некој просек којшто го дефинираат овие атмосферско-климатски модели. Американскиот систем даде слична процена за многу топло лето на европското тло. Не очекувавме таква суша паралелно со високите температури. Секако дека постојат климатските промени. Тие постоеле, меѓутоа сега се забрзани-вели Спиридонов.

Тој објаснува дека температурата по декада од прединдустрискиот период расте за 0,06 степени.

Проф. Д-р. Владо Спиридонов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

 

– Ова е втор циклус од овие топлотни бранови. Климатските промени носат повеќе негативни последици. Една од последиците е зачестена појава на топлотни бранови на планетата. Топлотните бранови со себе носат и појава на суши. Понатаму како ќе навлегуваме во летото, ќе имаме дефицит на врнежи и ќе се појави опасност од пожари. Нашето подрачје, ако гледаме глобално, значи европскиот континент се наоѓа под влијание на суптропски појас на висок притисок. Едниот е позициониран во северо-западниот дел и тој продира кон Медитеранот и Балканскиот полуостров, а другиот центар е во северо-источниот дел кон Персискиот залив-вели професорот.

Државата може да остане без метеоролози, активно студираат само тројца студенти

Според него и во Македонија се носи топол воздух кој повеќе ќе се почувствува во урбаните средини, во Скопје. Професорот апелира дека треба да се размислува и за урбаната метеорологија, бидејќи е многу значена, заради квалитетот на воздухот.

На прашањето до кога ќе трае овој топлотен бран, Спиридонов вели дека во појас на висок притисок како резултат на продирање на поладен воздух, којшто сега доминира во делот на северозападна Европа, ќе се формира циклонска циркулација.

ВИДЕОИНТРЕВЈУ | Проф. д-р Спиридонов: Нè очекува долго топло лето со локално невреме

– За викендот и веќе од понеделник, ќе биде попроменлива атмосферата, ќе има нестабилност, ќе има грмотевици, за нијанса температурите ќе бидат поподносливи, таа недела ќе биде доста нестабилна за Централна Италија, Истра, Словенија, Хрватска, ќе се развиваат супер клеточни бури. Во Србија некаде кон понеделник-вели професорот.

Според професорот ќе имаме потопло лето за 1 до 2 степени во односот на просечното.

Проф. Д-р. Владо Спиридонов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

– Веќе имаме и појава на топлотни, тропски ноќи. Ќе имаме и суши, но и пожари во текот на втората фаза на лето. Меѓутоа ќе имаме и бури невремиња-вели Спиридонов.

Со професорот дискутиравме и за недостигот од метеоролози во државава.

– Еден редовен професор во Македонија и еден студент редовен по метеорологија. Тоа е сликата во моментот на институцијата. Јас постојано апелирам дека метеорологијата како гранка од физиката, која ќе се изучува на Институтот за физика, ќе дава целосна поддршка во развивањето на науката и на Природно-математичкиот факултет. Јас сакам да кажам дека, навистина, ќе дојде ден кога ќе се запрашаме и ќе се погледнеме и ќе речеме, па како сега немаме кадри, едноставно кој да известува за времето, и за климата, и за водите, и за временските непогоди, и за климатските промени. Па да, ќе нема, затоа што, треба да се има стратегија за една гранка која ќе биде се понеопходна во сите сектори на државата. Едноставно, да се направи едно системско решение, да се запишат на прв циклус студија, да се образуваат кадри, да се вработат оние десетина коишто веќе неколку години чекаат вработување, и, едноставно, да се размислува и за оној кадар којшто ќе биде исклучително неопходен, бидејќи има голем дефицит на метеоролози, нема кој да известува за времето-вели Спиридонов.

Целото интервју погледнете го во продолжение: 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот