ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Пецо Трајкоски: Македонија и регионот треба превентивно да реагираат на потенцијалот за радикализација
Политичко-безбедносни состојби во државите од регионот, придружени со случувањата на Блискиот Исток заедно со стравувањата од мигрантска криза, придонесува да имаме пораст и популарност кај населението од Балканот на крајно десничарски движења и радикални групи. Македонија иако во моментов е безбедносно стабилна сепак не е имуна на овие движења кои не секогаш прераснуваат во агресивни организации или паравоени формации. Затоа како регион кој има „долга традиција на војување“, треба превентивно да реагира на потенцијалот за радикализација. Ова во сублимиран заклучок го истакна Пецо Трајкоски од Центарот за истражување и креирање на политики ЦРПМ во утринската емисија на Слободен печат.
– Не е прашање дали ќе имаме мигрантска криза, туку прашањето е кога таа ќе се случи. Зошто ова го говорам, бидејќи во соседна Албанија веќе се отвори камп за мигранти. Како надополнување на ова се приклучи и српскиот претседател Александар Вучиќ со изјава во која порача дека нема да дозволи Србија да стане бегалски камп. Она што е загрижувачки по нас како држава е тоа како Германија ќе реагира на сето ова. Дали ќе биде исто како во времето на Меркел кога Берлин ги отвори границите и ги повика бегалците да дојдат во Европа или ќе се тампонираат државните премини, останува да видиме. Што и да се случи од овие сценарија, повеќе од јасно е дека Македонија би била погодена од нов мигрантски бран за кој како држава треба да се подготвуваме – посочува Трајкоски.
Трајкоски од Центарот за истражување и креирање на политики ЦРПМ дополнува дека Унијата отсекогаш го гледала Западен Балкан како надворешна граница на ЕУ. Затоа според него неопходна е претпазливост од нов мигрантски бран.
– Западен Балкан се гледа како надворешна граница на ЕУ. Овој факт бил отсекогаш таков. Тоа не е од сега, ниту пак е некоја новина која нам не ни е позната. Конзервативните земји во ЕУ како Унгарија, Чешка и другите јасно дадоа до знаење дека тие ќе ги затвораат своите граници со цел да се превенира мигрантско сценарио како она од пред 10 години. Одлуката да се отвори мигрантски камп во Албанија е само потврда дека дел од Европа на големо се подготвува за вакво сценарио за кое ние како држава треба да бидеме будни – посочува Трајкоски.
Повеќе од разговорот со Трајкоски во видеото погоре.