ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Павле Арсоски: Партијата ЗНАМ станува сериозен политички фактор кој ќе работи за интересот на обичниот граѓанин

Павле Арсоски/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Генералот-мајор во пензија Павле Арсоски кој е дел од политичката партија-Движење ЗНАМ – За Македонија вели дека релативно новиот политички субјект во земјава во кој тој членува ќе се залага единствено и само за интересот на обичниот граѓанин.

Како што објасни тој при гостувањето во утринската емисија на Слободен печат, пројдено е времето на омаловажување на Македонците кои според него станаа граѓани од втор ред во сопствената држава. Затоа партијата ЗНАМ според Арсоски ќе настојува сегашната траекторија која се движи Македонија да ја промени а со тоа да го сопре егзодусот и поделеноста во општеството по секој основ.  Арсоски потенцира дека Македонија и македонскиот идентитет, јазик, самобитност и државноста е повеќе од нас самите.

-Македонија во моментов се наоѓа во една многу лоша состојба. Државата се разградува по секој основ пред нашите очи и пука речиси по сите шавови и граѓаните на Македонија мора да се вклучат и да си ги преземат работите во свои раце. На крајот од денот или пак на крајот од животот секој ќе добие прашање од нашите деца што направивме. Кога ќе нè прашаат такво нешто ние ќе мораме да кажеме дека барем сме се обиделе. Македонците станаа граѓани од втор ред во сопствената држава, а тоа не смее да продолжи така да биде – посочи Арсоски.

Во однос на тоа како се профилира ЗНАМ пред електоратот на изборите, Арсоски не крие дека во членството на партијата има социјал демократи по убедување но и поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ.

-Интересно е дека во партијата имаме луѓе кои за прв пат во својот живот се одлучуваат да се ангажираат политички. Тоа нам ни говори дека граѓаните имаат желба нешто да направат односно да променат. Меѓу тие луѓе кои за првпат се одлучиле политички да се ангажираат сум и  јас. Повторувам нас не ни е целта ниту пак мисијата да знаеме кој од каде доаѓа или каде припаѓал претходно. Целта ни е овие избори да оставиме печат и создадеме партија која ќе зборува на ист јазик, а тој е за интересот на државата – објаснува Арсоски.

Тој додава дека ЗНАМ не е ниту лево а уште помалку десноориентирана партија во политичкиот спектар во земјава.

-Македонецот има право да ги изрази своите чувства и да опстои на своето. И тоа не е националистичка реторика и тоа претставува едно природно право на еден народ да се брани. И секако не само народот, туку ние ја браниме и државата – истакна Арсовски алудирајќи на ставовите на Бугарија во однос на барањата од Софија за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.

Запрашан за тоа зошто тој во јавноста досега беше прозиван околу тоа дека тој како поранешен генерал во АРМ не ги поминал безбедносните анализи и не му бил доделен НАТО сертификат, Арсоски вели дека зад тоа стоеле политички опструкции.

-Секој офицер на македонската армија во целата негова кариера е предмет на постојани проверки и издавање на соодветни сертификати. За мојот конкретен случај од 92 година и зачетоците на АРМ до крајот на мојата војничка кариера постојано поседував национален безбедносен сертификат. Тоа значи дека за целиот овој период јас работев и ги поседував сите документи кои беа од највисок безбедносен степен на државна тајна. Во тој контекст јас како воено лице но и другите како мене за целиот период бевме под перманентни проверки за безбедносни тајни и за време на нашето пристапување во НАТО. Сега, се поставува прашањето како сите тие години во кои учествував за адаптирање на нашата армија со НАТО и одржував безброј средби, вежби и други активности со највисоки НАТО челници не бев проблем за безбедносните служби, туку од еднаш во критичен момент откако решив политички да се активирам да станам проблем. Просто речено правдата за овој чин направен кон мене во моментов има и судска разрешница и одлука во моја полза а самиот чин го сметам како политички монтиран процес – резимира Арсоски.

Повеќе од интервјуто со генералот-мајор во пензија од партијата ЗНАМ д-р. Павле Арсоски, можете да го погледтене во видеото во продолжение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот