
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Николовски: Имаме многу универзитети, а немаме висок квалитет
Како Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ може да помогне за универзитетот да се најде на Шангајската листа? Дали со реконструкцијата на студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ се очекува да се подобри студентскиот стандард? Како УСС УКИМ може да помогне во решавањето на студентските проблеми? Околу предностите и недостатоците на македонскиот академски образовен систем, разговараме со Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание, на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Препорачано
Според УНЕСКО, 24 јануари е ден кој е посветен на едукацијата, односно Светскиот ден на образованието. Со претседателот на УСС УКИМ, направивме споредба помеѓу државните и приватните универзитети.
– Би рекол дека приватните универзитети се поорганизирани во однос на наставата и системот бидејќи се многу помали, дигитализација и интернационализација како што е случајот со „Меѓународниот Балкански универзитет“ и „Славјанскиот универзитет“. Но сепак, според рангирањата од Министерството за образование, тие заостануваат зад квалитетот којшто го даваат државните универзитети – рече Николовски, додавајќи дека УКИМ би можел да се подобри на полето на дигитализацијата и интернационализацијата.
На прашањето колку нашиот образовен систем е подготвен да вметне редовна практична настава во академската програма, Претседателот на УСС УКИМ, одговори дека според него би требало да имаат задолжителна практична настава.
-Одредени факултети веќе имаат практична настава како Медицинските и Биотехничките факултети во рамки на самата студиска програма. Но практична настава како посета на компании или цел семестар на пракса, тоа сѐ уште го нема. Тоа сметам дека би требало задолжително да биде вметнато – додаде тој.
Разговаравме и околу студентските проблеми како што е феноменот на „губење пријави за испити“ од страна на студентските служби, како и непојавувањето на професорите на самото полагање на испити или пак колоквиуми. За ова Николовски изјави дека за вакви случаи, студентското образование не било известено односно, до нив не стигнале такви пријави.
– До УСС УКИМ не стигнала таква поплака, ниту до студентската правобранителка, а често кога има проблеми во студиите, не нѐ контактираат на секојдневно ниво. Не сум запознаен со ваков случај, но дека е многу чест и дека кај доста студенти на доста факултети од 22 илјади студенти, се губат во голем процент пријави, не сум сигурен, затоа што не сме добиле такви пријави – изјави тој.