ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Нема доволно адвокати за одбрана на деца престапници, вели адвокатката Мимоза Салтирова

Слободен печат - Мимоза Салтирова / Фото - Методи Здравев /
Слободен печат - Мимоза Салтирова / Фото - Методи Здравев

Во 2023 година биле осудени 307 деца на возраст од 14 до 18 години. Споредбено со 2022 година бројот на деца сторители на кривични дела е намален за 8,5 проценти, но загрижува податокот дека бројот на осудени деца е зголемен за 17,2 проценти. Статистиката зборува дека голем број од децата кои се пораснати во Казнено поправните домови, имаат низок степен на образование. Според истата 21-годишно момче кое долги години било во домот, завршило само второ одделение. И овој фрапантен пример не е единствен.

Д-р Мимоза Салтирова, адвокат и лиценциран тренер за правда за деца, тренер на адвокати за правда за деца, за „Слободен печат“ зборува дека државата мора посериозно да се насочи на имплементирање на европски стандарди и директиви за правата на децата.

– Лишувањето од слобода во првата фаза е идентично кај секое лица како што предвидува законот. Но, откако тие лица се спроведуваат во полиција, се идентификуваат и тогаш ако се констатира дека некое од тие лица е малолетно, се спроведува во посебно одделение за малолетници. Тука се сретнуваат со специјализирани инспектори кои работат со малолетници – вели Салтирова.

Таа појаснува дека специфичноста се забележува во дополнителните тренинзи и обуки кај адвокатот, судијата и обвинителот кои се специјализирани да работат со деца.

-Не може секој да работи со деца и тоа го предвидува нашето законодавство. Имаме адвокати за деца, судии за деца, Кривичен совет за деца, во Апелациониот суд и Совет за деца. Постапката е комплексна, имајќи предвид дека секогаш во преден план се става заштита на детето. Јас следев една опсежна обука за правда за деца, каде што се стекнав со сертификат и добив можност, да бидам во нашата држава тренер на колеги адвокати во врска со оваа специфична област, правда за деца. Во нашиот систем недостсуваат адвокати обучени да можат да работат со деца –вели нашата соговорничка.

Целокупното одвивање на судската постапка кај дете се разликува од таа кај возрасен обвинет. Салтирова забележува дека во Македонија многу треба да се работи за подобрување на стандардите.

– За жал кај нас не се спроведени соодветно европските директиви и стандарди, за тоа како треба да изгледа постапката за деца престапници. Пристапот до органите, начинот како детето ќе се донесе во суд, тоа е многу специфично. Кога зборувам, не мислам само до судската зграда, туку и низ ходниците, до судницата каде што детето треба да се распита. Без разлика дали е сторител на кривично дело или жртва, ова е третманот за дете. Не смееме да заборавиме дека се работи за лице што нема доволно развиена свест, нема доволно развиени одбранбени механизми и слика за општествените појави или што точно се случило – рече таа.

Според Салтирова, државата мора да работи на имплементирање на тие директиви, да има посебни простори, посебни влезови, каде што децата ќе се спроведуваат.

– Ние како адвокати секојдневно се сретнуваме со лица коишто се лишени од слобода или на издржување казна, коишто ги спроведуваат во суд со комбе, со лисици, со претставници од МВР, вооружени, со маски. Тоа е стресна слика за кого било, а замислете ја во очите на едно дете – објаснува таа.

Салтирова додава дека сите актери инволвирани во постапката треба да имаат посебни комуникациски вештини со детето престапник, да носат полежерна облека, судиите не смеат да ги носат тогите. Се прави една атмосфера, како што вели таа, детето да не знае кој е адвокат, кој судија, кој обвинител.

– Сакам да споделам пример од судска постапка во Германија. Ѝ се јавиле од судот на мајката за да ѝ кажат нејзиното дете да биде облечено во костим од омилениот цртан лик. Детето одбрало да биде вештерка. При влегувањето во судската зграда, детето не знаело каде влегува, сите сензори почнале да свират бидејќи метлата ги активирала, но никој од вработените не реагирал официјално на тоа. Сите направиле фама дека влегува хероина. Судницата била претворена во игротека, инволвираните во поспатпката биле облечени во забавни костими, седнати на земја на перничиња – вели Салтирова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот