Едуардас Борисовас / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Литванскиот амбасадор Борисовас: Заслугите и геополитиката да бидат одлучувачки за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан

Годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Литванија, а нерезидентниот амбасадор очекува во наредниот период Македонија да стане членка на Европската Унија, исто како и другите земји аспиранти од Западен Балкан, а наместо билатералните прашања, услов за влегување во европското семејство да биде мерит системот и геополитиката, бидејќи проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е неопходно.

Господине амбасадоре, пред ова интервју имавте средба со македонскиот заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски. Можете ли да споделите некои детали од оваа средба? И дали литванската поддршка за процесот на пристапување на Македонија во ЕУ е сè уште силна по сите овие години? И дали сте оптимисти за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан?

Имавме многу добра и отворена средба со заменик-министерот за надворешни работи, г. Зоран Димитровски. И тоа беше прилично долг разговор за сите прашања на денешниот свет, кој многу се менува. И дефинитивно, исто така, разговаравме и за проширувањето на ЕУ и за сите прашања поврзани со тоа. Можам да кажам дека отворено ги разменивме нашите ставови, отворено го презентиравме нашето гледање, визија, всушност и како треба да се турка овој процес за да се постигнат позитивни резултати. Зборувајќи за процесот на проширување како таков, јас сум навистина оптимист дека постои вистински прозорец на можности за земјите од Западен Балкан да се приклучат на ЕУ во многу блиска иднина. И во оваа ситуација, треба да земеме предвид дека зависи и од самите земји, всушност од нивната подготвеност да го придвижат патот на проширувањето на ЕУ за да ги направат неопходните реформи, бидејќи пристапот заснован на заслуги е исклучително важен за Литванија. Го ставивме како камен-темелник за проширувањето. Во исто време, ја разбираме и реалноста дека проширувањето кон Западен Балкан може да донесе просперитет и безбедност во регионот.

Дали зборувавте за литванскиот пат кон Европската унија, за литванското искуство? Дали беше тешко? И колку време се одвиваше и траеше пристапниот процес до полноправното членство во ЕУ во 2004 година? И прашањето е дали имаше значителни отстапки што Литванија мораше да ги направи во процесот на интеграција во ЕУ? Дали во тоа време вашата земја имаше билатерални прашања со другите земји-членки на ЕУ кои треба да се решат пред пристапувањето?

Во однос на процесот на пристапување, би рекол дека нашата ситуација беше исклучително комплицирана, бидејќи тоа беше првото проширување кон Источна Европа. И немаше убедување, на пример, во сите поранешни земји на ЕУ дека ова проширување треба да ги опфати сите земји во Источна Европа. Така, имаше и размислувања дека некои земји треба да бидат прифатени, некои земји да бидат во чекалната, всушност, како и во вашиот случај. Така што за нас беше потребно многу труд да се убеди тој вистински пристап да ги има сите источноевропски земји во исто време, не правејќи разграничување меѓу нив, и дека би бил многу позитивен за регионалниот развој. Всушност тоа ни помогна да избегнеме билатерални прашања да се дискутираат во текот на процесот на пристапување. Но, тоа не беше лесен процес. Дефинитивно, за Литванија тоа беше веројатно најтешко од сите, веројатно освен Кипар, односно од сите земји аспиранти, бидејќи моравме да донесеме стратешки одлуки во овој поглед. А за нас, како што споменав, отстапки. Литванија направи огромни отстапки за да биде во ЕУ. Пред сѐ, требаше да се согласиме да ја затвориме нашата нуклеарна централа. Нуклеарната централа во Игналина произведуваше 82% од литванските енергетски потреби. И можете да замислите дека затворањето на овој извор штетно влијаеше на нашата економија. Следното прашање исто така беше за суверенитетот на државата. Затоа што на маса имаше преговори за транзит од континентална Русија до Калининградската област во Русија, која е меѓу Полска и Литванија. Значи, дефинитивно, тоа беше хоризонтален пристап да се зборува за овој транзит. Но, всушност се работеше за тоа Литванија да даде пристап не само за стоки, трговија и така натаму, туку и за воен транзит од Русија до Калининград, исто така и до Русија. Така и Литванија требаше да даде некои гаранции за тоа, не жртвувајќи го нашиот територијален интегритет и суверенитет. Значи, ова беа многу тешки преговори, многу долги преговори. Но, во исто време, во Литванија беше упорно мислењето дека треба да бидеме во ЕУ. Ова не е само нашата гаранција за просперитет. Тоа е и наша безбедносна гаранција, да бидеме во западниот блок, всушност, и да ги имаме овие гаранции. И кога ги почнавме преговорите кон ЕУ, паралелно се случуваше да се движиме кон НАТО. А тоа беше само еден месец разлика, кога влеговме во ЕУ и НАТО. Така, преговарајќи за пристапот во ЕУ, ние, всушност, си ја гарантиравме безбедноста со тоа што станавме членка на НАТО.

Амбасадоре, што мислите за нашето билатерално прашање со Република Бугарија што ја блокира македонската интеграција во Европската Унија? Може ли македонските власти да добијат поддршка за какви било гаранции за нивниот став за уставните измени со ефект на задоцнување? Тоа е она што македонската страна бара поддршка во ЕУ.

Ова е многу комплицирано прашање, пред сè, затоа што навистина не можам да зборувам за Бугарија. Можам да зборувам за литванскиот поглед за прашањата од билатерална важност меѓу земјите. Искрено да кажам, и Литванија е во регион каде што имаме билатерални прашања. За наша среќа, веројатно, што влеговме во ЕУ без да го имаме ова во нашиот, како да се каже, двор, одејќи кон ЕУ. Но, во исто време, овие билатерални прашања не исчезнуваат. Значи, моето разбирање е дека, пред сè, поставувањето стратешка цел и разбирањето што сакате да постигнете, е примарното прашање. Потоа треба да зборувате за тактиката, како да ги постигнете овие цели. И посакувам овие тактики да не надвладеат над стратешките цели. Таков е впечатокот за билатералните прашања поставени меѓу две земји од ЕУ. И другите земји ги имаат сите овие прашања на патот кон ЕУ. Сепак, нашето разбирање е дека заслугите и геополитиката треба да одлучуваат за неопходното (во наши очи, тоа е неопходно) проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Едуардас Борисовас / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Како можат Македонија и Литванија да соработуваат во иднина и на каква поддршка од Литванија можеме да сметаме?

Литванија веќе направи многу важен чекор напред со отворање на канцеларијата на амбасадата во Скопје, што е исклучително корисно и би можел да признаам дека главната работа за нашите билатерални односи организацијата на нашите билатерални контакти се врши овде во Скопје. Ова беше навистина огромно, огромно достигнување и мислам дека ова многу помогна да се разбереме, вашите луѓе да ја видат Литванија овде, да има директни контакти, да овозможи можни информации… Зборувајќи за тоа што да правиме понатаму, пред сè, Литванија е многу искрен поддржувач за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Ова е примарна задача во нашите билатерални односи, бидејќи како што кажав претходно, имаме искуство. Имаме искуство од пристапувањето. Имаме искуство од преговори и навистина сакаме да бидеме чесен посредник во процесот земјите од Западен Балкан да ја постигнат оваа цел што е можно поскоро. Исто така, она што е важно е да зајакнат економските односи меѓу нашите компании. Така, тука би ја видел можноста да поканам претприемачи од Северна Македонија во посета на Литванија. Литвански деловни луѓе ќе ја посетат Македонија, да се видат можностите и едноставно да воспоставиме добри односи, да се најдат перспективи за идна соработка и да ги направиме нашите економски контакти многу поинтензивни отколку што се сега. Значи, тоа е основната цел за нас. Ние ја гледаме Северна Македонија како партнер во Западен Балкан. Сакаме да видиме што повеќе Македонци да доаѓаат во Литванија, Литванците во Северна Македонија и во оваа смисла, мислам дека тоа е целта на дипломатите за да се олесни процесот. Ќе организираме што повеќе посети. Веќе е договорено во Скопје да има посета на групата на пријателство на пратеници од Вилнус. Значи, очекуваме посети на високо ниво и во Литванија и во Северна Македонија. Затоа мислам дека ќе биде од помош. Ќе биде корисно да ги интензивираме нашите односи.

Во трговската војна меѓу САД и Европа ќе има губитници на двете страни

 

Амбасадоре, да продолжиме со поголемите прашања кои се за Европската Унија во моментов. А тоа е новата администрација на Трамп во САД која наметнува дополнителни царински давачки за стоките од ЕУ. И Европската Унија се заканува со контрамерки. Дали оваа трговска војна меѓу САД и ЕУ ќе стане реалност? И како тоа ќе влијае на Европа?

Дали ова ќе стане реалност, дефинитивно ќе зависи од аргументите и контрааргументите на масата, дали вреди да се започне оваа трговска војна и какви последици ќе има за двете страни. Не на едната, туку на двете страни. Затоа што неминовно, ако наметнувате даноци, треба да очекувате дека даноците ќе бидат наметнати на другата страна. И така, тогаш е неопходно да се пресмета многу, многу, многу прецизно и многу јасно, всушност, што точно ќе постигнете со наметнување даноци. Ако трговската војна, стане реалност меѓу ЕУ и Соединетите Држави, тогаш дефинитивно, двете страни ќе бидат губитници. Литванија е извозно ориентирана земја. Литванската индустрија е многу меѓусебно поврзана со големите економии на Европската Унија, како Германија, на пример. Ние произведуваме резервни делови за автомобилската индустрија во Германија. Исто така, во исто време, Литванија е во многу добри трговски односи со САД. Соединетите Американски Држави се многу високо во нашето рангирање на извозот. Значи, всушност, произведуваме многу стоки за извоз во САД. Но, во исто време, Литванија е извозник на услуги. И имајќи го предвид ова, секаков вид на наметнување даноци, безбедносни мерки, гарантирањето на изолација на некој пазар и така натаму може многу силно да влијае на нашата можност да тргуваме со тој партнер. Значи дефинитивно, ќе има ефекти. Тоа ќе има ефекти за оние луѓе кои работат во таа индустрија, во овој сектор на услуги итн. Па да се надеваме дека тоа нема да се случи. Но, исто така, треба да бидеме подготвени да се подготвиме за реалноста. А, веќе беше објавено од претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, дека Комисијата многу прецизно пресметува какви контрамерки би можеле да има во случај ова да започне.

Европа влегува во третата година од руската инвазија на Украина. Дали сте оптимисти дека Трамп и Путин, кои веќе имаа телефонски разговор, можат да дојдат до мирно решение на војната, но решение кое е прифатливо за Европа и Европската Унија?

Со право спомнавте дека ова е веќе трета војна на руската агресија врз Украина. И видовме злосторства што не сме ги виделе во Европа од Втората светска војна. Дали е лесно да се заборави тоа? Тоа е и прашањето. За политичарите, веројатно, понекогаш оваа цел преовладува над прашањата кои би можеле некако тешко да се надминат. Но, во исто време, треба да извлечеме и поуки. Да научиме лекции од неодамнешното минатото. Имавме лекции од периодот пред Втората светска војна. Знаете, Минхен, што се случи по Минхенскиот договор, а тој мир не беше траен. Значи, дефинитивно треба да го избегнеме тоа да се случи. Во оваа ситуација, во исто време, за ова треба да одлучи Украина. Што е всушност добро за Украина? Што е прифатливо за Украина? А како ќе изгледа Украина по таков договор? Значи, ова е прашање за Украина. Тие изгубија многу животи. Стотици илјади, а некои луѓе велат дека стотици илјади луѓе беа погодени од војната. И во оваа ситуација, мислам дека Украина има одлучувачки глас дали ќе се постигне каков мир или договор за прекин на огнот. Но, исто така, во исто време, ние сме убедени дека ова не треба да се решава без активно учество на Европа. Затоа што се работи за европска безбедност. Секој мировен договор за Украина или со Украина ќе влијае на европската безбедност. А во каква состојба земјите ќе излезат по овој мировен процес ќе влијае на европската безбедност со децении. Можеби. Значи, Европејците треба да бидат многу активни. И првата работа е, Европејците треба да бидат на масата на преговорите. И во оваа ситуација, особено дека гаранциите ќе ги даваат и Европејците. Во случај да има договор за некаков прекин на огнот или мир и слично. Значи, за ова не може да се разговара без учество на Европејците.

Амбасадоре, во овие три години руска агресија беше ли Литванија, а и другите балтички земји некако погодени со војната во Украина? Дали имавте проблеми, како можеби премногу кибернапади, дезинформации, лажни вести, дефетизам и слично? И како, како држава и власти се справивте со тоа?

За време на оваа војна, а и пред неа, со некои прекини, веројатно може да се каже дека низ целиот наш период на независност ние, мислам не само Литванија, туку и балтичките земји беа примарна цел на руските дезинформациски напади. И како што велиме, неодамна, особено кога започна оваа војна во Украина, кога Русија ја нападна Украина, тие дефинитивно ги зголемија своите пропагандни средства. Средствата на нивната пропаганда. А една од исто така примарните цели беа балтичките држави и населението на балтичките држави. Да ги има под некој вид на руска покриеност, информативна покриеност. Она што е важно да се разбере дека за Русија понекогаш е многу лесно да се влијае на повозрасната популација во овие земји. Значи, за нас е исклучително важно да се воспостави добар механизам за разоткривање. За да се одделат лажните вести кои доаѓаат од  од Русија. Значи, во оваа смисла, всушност, тоа беше особена и примарна задача за литванските контрамерки. Во Литванија, на пример, тоа беше движење, доброволно движење, наречено „џуџиња“ затоа што тие се бореа против руските „тролови“, односно со руската пропаганда. Значи, тоа беше игра со зборови. Но, сепак, тие направија огромна, огромна,  работа за да се спротивстават на руската пропаганда. Во исто време, треба да разбереме во каква географска ситуација се Литванија, Латвија и Естонија. И на пример, всушност, ние сме под постојани напади или закани кои ги туркаат миграциските бранови против Литванија од Белорусија. Уште една руска сателитска земја, која ги користи сите средства за да ја дестабилизира ситуацијата во Литванија, особено, и во Латвија. Значи и Полска се соочува со истата закана. Секогаш имаме постојано присуство на нелегални мигранти, кои легално влегуваат во Белорусија, но инеегално се шверцуваат или туркаат напред за да влезат во Балтичките земји или во Полска. Значи, исто така е прашање како да се справиме со овие закани. Ова е трајна хибридна војна во Балтичките држави и во регионот. Така, сега учиме да се справиме со сите овие прашања. Учиме да се справиме со овие проблеми. Се трудиме да дадеме сè од себе. На пример, кога се зборува за кибербезбедноста, во Литванија, сега таа е преместена под Министерството за одбрана. Всушност, го имаме централизирано. И сите институции во Литванија се поддржани од овој центар за отпорност и кибербезбедност.

Во Европската комисија Литванија е претставена од европскиот комесар за одбрана и вселена. Тоа е г-дин Андриус ​​Кобилиус. Станува збор за поранешен премиер на Литванија. И пред него е тешка задача во организирањето на одбранбената индустрија на ЕУ и вселенските програми. И како овој еврокомесар ќе се справи со овој нов предизвик во овој сектор на ЕУ?

Со право споменавте дека ова е исклучително предизвикувачки сектор, бидејќи овој нов комесар беше назначен во услови на планирање на долгорочната финансиска перспектива на ЕУ. Значи се разбира дека има веќе поделени пари, дистрибуирани во различни сектори, а веќе се трошат пари кои ни се доделени за одбраната. Не големи пари, но веќе се трошат. Значи, ако зборуваме за пари кои доаѓаат од буџетот на ЕУ, ова е навистина предизвик за господинот Кобилиус. Едно ми е јасно, дека тој е вистинската личност на вистинското место и во вистинско време. Затоа што како премиер на Литванија се справи со последиците од финансиската криза. И ова беше крајно сурово за Литванија, крајно сурово. Затоа што всушност сме во многу тешка ситуација да не сме во еврозона, но во исто време да ја имаме нашата национална валута тесно поврзана со еврото без никакви механизми за поддршка за да се избегнат какви било турбуленции на финансиските пазари. Така тој се справи со оваа ситуација. Значи, тој знае што е криза и како да се справи со кризата, па јас сум навистина убеден дека тој ќе биде многу добар комесар. Ако зборуваме за работите што треба да ги прави, тој не може сам. Дефинитивно, ќе му треба поддршка од земјите членки, од остатокот од комисијата и од индустријата, дефинитивно. Затоа што треба да разбереме дека сме во војна. Ние сме во војна и покрај тоа што војната се води во Украина. Војници умираат во Украина. Но, и ние сме во војна. И ние треба да разбереме дека ситуацијата може да се промени во секој момент. Во секој момент може да има интервенција на други земји. И ние треба да бидеме подготвени за тоа. Задачата на господинот Кубилиус е ментално да ја подготви Европа да се соочи со оваа можност, да биде подготвен за агресија и да биде подготвен на такво ниво што агресијата нема да се случи. Ова треба да биде одвраќање за секаков вид руски волунтаризам, или интервенционизам или империјалистички аспирации, и така натаму. Ова треба да се направи сега. Затоа што утре едноставно може да биде доцна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот