
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Кордалов: Промената во политиките за проверка на факти на социјалните мрежи не значи и цензура на демократијата
Мета е компанија која ги прилагодува своите стратегии кон корисниците на глобално ниво со насока секако да бидат во нејзина корист. Меѓутоа регулаторите, институциите во САД, нормално во ЕУ, но и кај нас се оние коишто се грижат за секој од нас да му биде заштитена личната приватност на овие платформи и на интернет просторот. Но, промената во политиките за проверка на факти на социјалните мрежи која стапи и важи само во САД во овој момент не го засега македонското општество и значи дека има цензура на демократијата, вели комуникологот Бојан Кордалов.
Препорачано
– Не смееме да дозволиме во целата какофонија на што ќе се случува и каква ќе биде стратегијата на Мета за проверка на факти, односно како оваа платформа ќе се справува со дезинформациите, да останеме неподготвени, односно во светот на дигитализација во кој пливаме како индивидуи да останеме неподготвени. Ова не е проблем кој е нов и трае една година, туку, напротив ова е процес низ кој ние како држава повеќе од 20 години сме дел од дигитализација на општеството или повеќе од 17 години сме дел од светот на социјалните медиуми. Така што 17-годишно дете веќе треба добро да знае да плива и добро знае да вози велосипед, па сметам дека и ние веќе не смееме да имаме оправдувања зошто толку грешиме во интернет- просторот – посочува Кордалов.
Комуникологот и експертот по социјални мрежи и медиуми Кордалов коментирајќи ги серијата промени во политиката на Фејсбук и Инстаграм кои значително ќе го намалат нивото на модерација на содржини на овие платформи, вели дека тоа не смее да има импакт врз луѓето ако навремено општеството се едуцира за промените и кои би биле последиците од нив.
– Не зависи од „проверката на факти“ или не зависи од другите механизми дали ќе има цензура на содржините на социјалните мрежи и медиуми. Напротив, зависи од тоа дали системот ќе биде заштитен, односно дали волјата на луѓето ќе биде заштитена. До вчера не биле проверките на факти, денес се, а утре можеби ќе биде нешто уште поголемо од проверката на фактите. Меѓутоа најважно е да не биде злоупотребена волјата на луѓето. Не може и не смее никој со нив да си поигрува – оценува Кордалов.
Повеќе од разговорот со Бојан Кордалов на оваа тема во видеото погоре.