ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јаневска: Целта е да обезбедиме квалитетни хартиени и дигитални учебници од одговорни автори и издавачи
Со новиот закон за учебници во основно и средно образование кој Министерството за образование и наука го отвори за сугестии и забелешки за јавноста, се озаконува користењето на дигиталните учебници во наставата. Според Предлог законот, електронските и дигиталните учебници се идентични со оние во пишана форма, но дигиталните во себе содржат интерактивни и мултимедијални содржини, видеа, тестови, нарации и слично. Оваа идеја претставена пред неколку години од претходната власт, наиде на отпор во јавноста и партиите, но министерката за образование и наука Весна Јаневска сега не очекува реакции околу оваа новина, бидејќи, вели, образованието мора да биде во чекор со модерната технологија.
– Точно е дека нашата јавност многу реагираше на недостатокот на хартиени учебници и ние тоа ќе го обезбедиме, но тоа не значи дека во ерата на дигитализација на сѐ, нашите ученици не треба да се запознаат со новите технолошки достигнувања и технолошки можности. Ние како партија никогаш не сме биле против дигитализацијата и во образованието, но бевме против тоа и да нема хартиени учебници и еве сега тоа и го исполнуваме. Да, ние сѐ уште немаме комплетно искреирани мултимедијални учебници, тоа го работат стручни компании, дури и не мора ни да биде учебник, може да бидат само содржини од темите коишто се изучуваат, но полека, како што ќе ни дозволуваат можностите ќе го развиваме и тоа. Со оглед дека планот е да направиме една програма која во следните 10-15 години не би се менувала, освен одредени теми кои ќе биде неопходно да се менуваат оти за 15 години секако ќе се случат промени, се надевам дека со текот на времето сите оние коишто ќе го водат образованието ќе го фатат тој тек за да може да имаме такви содржини кои исто така ќе можат да бидат променливи – вели министерката проф. д-р Весна Јаневска во интервју за „Слободен печат“.
Новината во предложениот закон за учебници е тоа што целата работа околу печатењето, тиражот, дистрибуцијата и другите аспекти им се префрла на издавачките куќи кои треба да застанат зад авторите на ракописи по одреден предмет, модел кој според министерката Јаневска, треба да доведе до креирање на квалитетни учебници и конечно учениците да ги добијат сите потребни книги на почетокот на учебната година.
– Законот дава две можности, Педагошката служба во рамките на МОН да продолжи со издавачка дејност, но минатите години покажаа дека може да се случи, така како што беше конципиран законот, да нема учебници. Конкретно претходната власт се жалеше на тоа дека на конкурсите не им се јавувале автори, не им се јавувале рецензенти од разни причини, и затоа немало учебници. Затоа законот дава две можности, да продолжи оваа постапка која досега ја имавме, а другата постапка е издавачките куќи да си обезбедат автори, додека рецензијата останува на Бирото за развој на образованието (БРО), МОН и Националната комисија за учебници. И имаме три скалила на проверка на тие учебници. Тргнуваме од премисата дека ако имаме повеќе можности ќе имаме и повеќе учебници за разгледување, изборот ќе биде поголем и ќе дојдеме до квалитетни учебници и изборот ќе се сведе на најквалитетниот учебник. Инаку вака како што е, еве конкретен пример зошто немаше учебници по историја. Затоа што, немам потврда за ова, но впечатокот ми е дека историчарите беа премногу лути и со ремолчен консензус не сакаа да пишуваат за програма која не им се допаѓаше, која реално ценеа дека не е добра. За да избегнеме такви нешта ценевме дека треба да дадеме повеќе можности за на први септември секогаш да има квалитетни учебници – вели министерката.
Според неа, не е исклучена можноста од злоупотреби на системот кој ќе го воспостави МОН во изработката на новите учебници, но најави дека обидите за корупција во образованието ќе бидат санкционирани, а бидејќи каталошката цена на учебникот ќе ја одреди владата ќе нема многу простор за коруптивни дејства.
– Во законот не е предвидено, но во правилникот кој ќе излезе веднаш по законот се предвидува каталошка цена која ја одредува Владата и ќе биде сосема чисто. Да, компаниите и издавачките куќи работат за профит, на тие на коишто им одговара, а мислам дека ќе им одговара на повеќето. Ние сме мала земја, ограничен е бројот на издавачи, но мислам дека и каталошката цена ќе ја намали корупцијата која би можела да се појави. Нема да измислиме топла вода. Веќе си постојат формули за каталошки цени и ние ќе преземеме една од тие. Всушност и веќе имаме план како тоа ќе биде, но тоа не е план на министерот, тоа е работа на Комисијата. Министерот треба само да биде добро информиран за да не се направи некој пропуст – вели министерката Јаневска.
Предлог законот предвидува и повеќе филтри низ кои треба да помине секој учебник пред да се испечати за да се избегнат катастрофалните грешки кои во изминатиот период се провлекуваа низ учебниците за основно образование.
– И тоа е човечки фактор. Првата бариера е Бирото кое треба да каже дали учебникот е според наставната програма, после е рецензентската комисија, потоа Националната комисија за учебници. Сметам дека такви крупни грешки произлегуваат прво од авторите, кои најверојатно многу брзале за да направат учебник. Авторите се стимулирани заради тој надомест, каков и да е, за да пишуваат учебници, тие автори што веќе се влезени во тој процес, зошто други не се ни јавуваат. Друго, и рецензентските комисии, претпоставувам дека повторно брзале. Тоа е финиот одговор. И сега и роковите се релативно кратки. Станува збор за одговорност и сериозност во пишувањето и секој треба одговорно да си ја врши својата работата – нагласува министерката.
Од оваа учебна година се воведе и едносменска настава во поголем дел од основните училишта, а очекувањата се дека со дополнителни изборни предмети кои ќе им помогнат на учениците да стекнат нови знаења и животни вештини, ќе се надомести заостанувањето кое е забележано кај учениците во Македонија, а бидејќи во образованието има вишок од 3.000 наставници, тие нема да останат без работа туку ќе имаат можност да се вклучат во воннаставните активности и програмите кои ги изготви Бирото за развој на образованието.
– Нашите деца до 15 години имаа 900 часа помалку на училиште и нивното знаење е каснење од отприлика 3 години. Значи ако е 9 одделение како да има знаење за шесто, тоа е многу и тоа мора да се промени. Немаме ниту една тема во образованиот систем за вештачка интелегенција, претприемништво, комуникација, нашите деца не знаат едно барање да напишат, стекнување на вештини, водење буџет, еве и банално, како да направат пица. Тоа треба да се спроведе, не е лесно и нема да биде лесно. Професорите ќе имаат можност, нема да им биде наметнато, длабоко сум убедена дека сите ќе можат да изберат дополнителни часови според нивното знање – децидна е Јаневска.
Скроен е и буџетот на МОН за 2025 година и според министерката во него се обезбедени средства за учебници, како и за учебници за странски јазици кои во моментов ги нема, но и за дигитални учебници, дигитализација, подобрување на инфраструктурата, обуки за наставниците, подобрување на ученичкиот и студетскиот стандард, награди за талентираните ученици, како и повеќе средства за проектите за мултиетничност и мултикултура.
– Министерството се занимава со издаваштво и со градежништио и со социјала. Ќе има и покачување на платите на наставниците во основно и во средно и во високото образование според колективниот договор. Во февруари ќе го потпишеме колективниот договор со кој ќе имаат загарантирано покачување на плати, сè со цел да ги мотивираме да го поткренат нивото на образование, да се гордееме со него и нашите ученции по знаење да се рамноправни со нивните врсници во Европската Унија – децидна е министерката Весна Јаневска.