ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јаначковска: Бруцошите од Македонија не се сами, има кој да ги запознае со студентскиот живот во Словенија

Леа Јаначковска студентка во Словенија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Вечерва на „Запознај ја студентска Словенија“ студенти од Словенија ќе го раскажат нивното искуство, како тие се адаптирале во една непозната земја, како изгледа нивниот живот и студирањето, каде живеат, што јадат, кои им биле најголемите предизвиците со кои се соочиле

Над 5300 студенти од Македонија студираат во Љубљана, Марибор, Копер и Нова Горица, од нив најголемиот број живеат во главниот град и најмногу се интересираат за економскиот факултет.

Македонците кои студираат во Словенија пред две години се обединиле во Македонска студентска организација во Словенија (МСОС). Со цел меѓусебна поддршка и помош како за постарите студенти така и за бруцошите на кои потребата од тоа некој да им биде поткрепа на почетокот е повеќе од потребна за полесно да се снајдат во непознатата земја.

„Запознај ја студентска Словенија“ е настан од отворен карактер за сите идни студенти и нивните родители, а ќе се случува вечерва во просториите на НЛБ Галерија во Скопје во организација на МСОС.

– Кога ќе ми текне дека пред две години кога јас се запишував во Марибор не познавав никој, јас да имав ваква можност да разговарам со некој кој има искуство да ми помогне, да ми раскаже каков е животот таму сè би дала. Комплетно ги разбирам сега колку се збунети, бидејќи им е непознато, исплашени се, но нема потреба од тоа ние сме тука да им помогнеме максимално со сè, сега имаат каде да се обратат. Исто така и родителите кои верувам дека се испаничени за нивните деца и тие можат да дојдат вечерва и да се запознаеме да се информираат за деталите и да им дадеме малку мир – вели  за „Слободен печат“ Леа Јаначковска, координатор на проектот „Запознај ја студентска Словенија“.

Предвидено е да има панел-дискусија со студенти од различни градови од Словенија, појаснува нашата соговорничка, тие ќе го раскажат нивното искуство, како тие се адаптирале во една непозната земја, како изгледа нивниот живот и студирањето, каде живеат, што јадат, кои им биле најголемите предизвиците со кои се соочиле.

Јаначковска вели дека неопходна било основањето на организацијата на студенти во која таа спонтано влегла.

– Од она што ми го раскажаа постарите колеги е дека МСОС настанала на многу интересен начин. Пред две години група студенти до Македонија кои престојуваат во Љубљана одлучиле да организараат журка. На забавата сфатиле дека потребно е некакво структурно обединување на сите Македонци таму и така настанала идејата за оваа неформална и непрофитна организација која се развива успешно – рече таа.

Статистичките податоци за бројот на македонски студенти во Словенија од година во година се зголемува.

– МСОС води евиденција години наназад за Македонците кои студираат во Словенија. Статистиките покажуваат дека од година в година интересот драстично е зголемен. Во периодот од 2001 до 2023 година над 5300 студенти од Македонија заминале да учат во Словенија. За минатата учебна година 2023/2024 бројот на запишани студенти на ниво на цела Словенија бил 1697 студенти. Треба да го земеме предвид и тоа дека имаме сознание дека постојат Македонци кои се дојдени да студираат во Словенија, но со бугарски пасош и тие не се евидентирани во нашата листа, со нив сигурно бројката би била огромна – рече Јаначковска.

Леа пред две години се запишала во Марибор на биологија, но по една година сфатила дека повеќе сака да живее во поголем и подинамичен град. Оваа година се префрлила на студии на најпопуларниот економски факултет во Љубљана.

– Многу е убаво да се живее во Љубљана, никогаш не си сам и никогаш не ти е здодевно. Има многу туристи, а преку Еразмус програмата имаме можност да се запознеме и со многу студенти од различни земји. Во Марибор живеев во студентски дом, во Љубљана тоа е невозможно, во домовите живеат само тие што имаат словенечки пасош. Скапо е да се најде стан, но не е невозможно – вели таа.

Според неа имаат вкусна храна, но ниту една кујна не се споредува со македонската.

– Еве сега за настанот имаме гости колеги од Словенија и тие кога пробаа македонска храна признаа дека е поубава од словенечката – рече Леа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот