ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Башески: „Џифони“ е платформа за неформално образование, за она за што училиштето нема време

Дарко Башевски - директор на Џифони / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Меѓународниот филмски фестивал „Џифони“ започнува да се организира од 1971 година во Италија. Звучни холивудски актери биле дел од фестивалот во непосреден контакт со децата учесници. И Македонија 12 години по ред е дел од приказната „Џифони“. Повеќе од 400 млади од основните и средните училишта од Македонија и осум други земји, годинава се дел од омилениот фестивал меѓу младите, „Џифони Македонија“. Вечерва се спушта завесата на 12. „Џифони Македонија“, а непосредно пред крајот директорот на фестивалот Дарко Башески зборуваше за „Слободен печат“.

– Оваа година имаме деца гости од Србија, Косово, БиХ, Романија, Ирска, Црна Гора, Италија. Гостите се сместени во фамилии кај децата што претставува традиционален дел од програмата кој го задржавме низ годините. Тие живеат со нив оваа недела, спијат кај нив, јадат кај нив и што е најважно, поминуваат низ едно убаво искуство. Заеднички ја следат богатата филмска програма на „Џифони“, посетуваат работилници и што е најважно, се забавуваат – вели Башески.

Филмската програма е адаптирана за тинејџери, а по прикажаните проекции децата имаат можност да дискутираат за филмот.

– Секогаш одбираме филмови соодветни за нашата малолетна публика. Внимаваме филмот да обработува некоја тема подобна за децата, од типот на насилство, булинг… нешто со што тие се соочуваат. Потоа при дискусиите тие се отвораат на темата и зборуваат за себе, дали тие се соочуваат со нешто слично. На тој начин се развива една убава квалитетна дискусија за важни општествени прашања. На некој начин „Џифони е платформа за неформално образование, за тоа на што школото нема време да посвети внимание, поради обемната образовна програма. Ние го реализираме тоа на еден забавен начин – рече Башески.

Тој појаснува дека децата што еднаш биле дел од „Џифони“, повторно се враќаат.

– За нас е голема радост затоа што еве ни се случува и оние младинци кои пораснале и веќе ја поминале границата за да се пријават на фестивалот, се пријавуваат да бидат волонтери – рече нашиот соговорник.

Вечерва е последен ден до годинашното издание на фестивалот, во 19.30 часот во киното „Милениум“ во Скопје ќе бидат прикажани кратки филмови, изложба, мјузикл, целиот материјал сработен од учесниците на фестивалот. На последниот ден ќе гледаат по уште еден игран филм, а на крај ќе гласаат и за најдобрите играни, кратки, анимирани и ученички филмови во секоја од трите категории. Вечерва исто така ќе бидат соопштени и имињата на најактивните ученици што ќе добијат награда да учествуваат на „Џифони Италија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот