ВИДЕО+ФОТО: Пробно минирање кај Зебрњак, нема опасност за Спомен-костурницата, селаните се жалат на камената прашина

Зебрњак - спомен костурница / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

По неколку одложувања, вчера на пладне беше извршено пробно минирање во каменолом во непосредна близина на Спомен-костурницата на ридот Зебрњак, каде почиваат посмртните останки на 687 српски херои кои загинале во кумановската битка во Првата балканска војна.

На пробното минирање во каменоломот под споменикот Зебрњак кај Куманово, надзор вршеа стручни лица од надлежните институции од Македонија и Србија, кои укажаа на законската рамка која не дозволува истражувања и ископувања во радиус од 500 метри од објектот, рамка која според нив, во овој случај е испочитувана.

Министерството за труд, вработување, ветерани и социјални работи на Србија и Управата за културно наследство при македонското Министерство за култура претходно постигнале договор на пробното минирање покрај македонските надлежни институции за зачувување на културното наследство, да биде присутен и експертски тим од Србија, за стручно да се процени дали и до кој степен експлозиите би ја загрозиле Спомен-костурницата во Зебрњак.

Зебрњак – спомен костурница / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Иако пробното минирање требало да се изведе на 17 септември, сепак како што наведоа претставниците од српскиот центар СПОНА, поради технички причини, без официјално известување до српските надлежни институции, минирањето било поместено за вчера 14 септември.

Жителите на селото Тромеѓа велат дека минирањето во каменоломот под споменикот Зебрњак со години предизвикува штета на нивните објекти, како и на блиските ниви и имоти врз кои паѓа камената прашина од рудникот.

Иако биле информирани во последен момент, вчера на денот на минирањето на терен беше присутен тимот стручњаци од Србија. Кај споменикот уште утрината беа дојдени д-р Лазар Кричко, професор на Рударско-геолошкиот факултет во Белград и неговиот асистент д-р Ненад Лајбенспрегер, историчар при Републичкиот завод за заштита на спомениците на култура на Р. Србија.

д-р Ненад Лајбенспрегер за „Слободен печат“ изјави дека тој е дојден со експертска екипа геолози за да го проследат пробното минирање во каменоломот во близина на Спомен-костурницата Зебрњак, за да утврдат дали идните минирања би можеле да имаат влијание врз конструкцијата на објектот.

„Дозволите за минирање секако ги издаваат македонските власти, ние како претставници од Р. Србија не можеме да ги издадеме тие дозволи, но можеме да дадеме свое мислење и став, со оглед на тоа дека се работи за српски воен меморијал, кој е многу важен за граѓаните на Србија“, ни изјави д-р Лајбенспрегер.

Зебрњак – спомен костурница / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Од македонските надлежни институции на пробното минирање беше присутна Сарита Карпузова, инспекциски надзор од Управата за заштита на културно наследство, Авдуш Јонузи, рударски инспектор во Државниот инспекторат за технички инспекции, претставници од Српскиот културно информативен центар СПОНА, Тодор Шендов, директор на внатрешна ревизија во „Гранит“, пратеникот Иван Стоилковиќ, претседателот на Здружението за зачувување на српските споменици во Македонија Саша Ристиќ и Владан Станојковски, секретар на месната заедница на село Тромеѓа.

Пратеникот Иван Стоилковиќ беше дециден во својот став дека се работи за манипулација од страна на надлежните институции во Македонија, кои наместо да ја информираат Србија за активностите околу Споменикот, информираат одреден број на српски невладини организации, за да им бидат покритие за тоа што го работат. Како што изјави Стоилковиќ, според информациите кои што ги добил за сензорите поставени за мерење на вибрациите од минирањето, тие не биле по стандардите кои се поставени за ваков тип на мерења и затоа со камен ги искрши сите поставени сензори, по што беше повикана полиција.

Во Зебрњак вчера надзор вршеа и претставници од факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кои ги мереа вибрациите на тлото на Споменикот за време на експлозијата од минирањето.

Претседателот на Здружението за зачувување на српските споменици во Македонија Саша Ристиќ за „Слободен печат“ изјави дека овие минирања се од профитерски побуди, на локација која е од огромно значење за сите граѓани на Македонија.

„Се потрудивме да ги известиме сите чинители овде, за законските рамки во Македонија, особено за Законот за заштита на културните добра, член 79, став 1, кој јасно кажува дека не треба да има никакви истражувања и ископувања во близина на вакви меморијални споменици“, изјави Ристиќ.

Иако треба да се разгледаат и анализираат сите релевантни показатели од вчерашните мерења на минирањето, сепак проценките на стручњаците беа дека нема никаква опасност од оштетување на Споменикот кај Забрњак.

Зебрњак – спомен костурница / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески
Зебрњак – спомен костурница / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески
Зебрњак – спомен костурница / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот