ВИДЕОАНКЕТА | Се гледа ли Олимпијадата кај нас и што значи симболот од петте кругови?
Летните олимписки игри во Париз се главното спортско случување. Нашите граѓани се големи љубители на спортот, тоа го потврди и анкетата на „Слободен печат“ којашто ја направивме на тема колку кај нас се гледа Олимпијадата. Поголемиот број од анкетираните ни одговорија дека со задоволство ги следат Игрите.
– Да, сакам да гледам Олимписки игри, секогаш ми е интересно. Гледам различни спортови, сè ми е забавно – вели еден случаен минувач.
Една девојка ни одговори дека многу сака да гледа тенис.
– Најмногу сакам да гледам тенис. За Ѓоковиќ навивам – рече таа.
Сретнавме и луѓе со потекло од Словенија, кои гордо споделија дека нивната внука земала злато.
– Секако дека гледам Олимпијада, посебно затоа што оваа година се натпреварува внука ми од Словенија и многу се радуваме бидејќи освои злато во џудо – радосно одговори дедото.
На нашето прашање дали им се допадна отворањето на Олимпијадата во Париз добивме поделени мислења.
– Многу беше убаво, магично. Уживав во целиот спектакл, убаво осмислено, креативно – вели еден господин.
За друго помладо момче, пак, оваа година свеченоста била разочарување.
– Она што не ми се допадна беше отворањето, многу лошо, многу некреативно, катастрофа беше, ништо не ми се допадна, сè беше некако без стил. Според мене најубаво отворање на Олимпијада, досега, било тоа во 1994 година – рече тој.
Уште еден господин ни кажа дека оваа година не му се допаднало отворањето, а дека таа година кога се одржувале Игрите во Сочи според него, отворањето било најспектакуларно.
Во анкетата погледнете и дали скопјани знаат што значи симболот од петте кругови на Олимписките игри.
Целото видео можете да го видите во продолжение: