ВИДЕОАНКЕТА | Дали спортистите треба да рекламираат обложувалници?

Горан Пандев, Кире Лазаров, Иџе… се дел од спортистите кои рекламираат обложувалници и банки за брзи кредити. За снимање на овие реклами тие, чесно, добиле соодветен хонорар за сработената работа. Компанијата што ги ангажирала го „користи“ нивниот препознатлив лик за полесно да стигне до пошироката јавност, маркетиншки трик кој не е непознат. Преку бројни реклами на светски брендови, докажано е дека познатото лице продава полесно. Спортистите рекламират обложувалници, има ли нешто погрешно во тоа или не? „Слободен печат“ ги праша граѓаните дали врвни спортисти, имиња кои претставуваат нечии идоли и значат пример за идните генерации треба да се најдат во ваков тип на реклама? Какво влијание врз општеството има нивното прикажување на овој начин?

– Тоа е нивна работа, доколку веруваат во тоа што го продаваат, тогаш нека снимаат, зошто да не – вели еден случаен минувач.

Според еден господин не е во ред најдобрите спортисти да ѝ нудат на јавноста брзи кредити или да ги тераат да одат во обложувалница, тоа лошо влијае на младите.

– Мене ова ми е непоимливо, како може еден врвен спортист, најдобар стрелец на Светско првенство што ја рекламирал Македонија, сега да нуди брзи кредити. На овој начин тој си го руши сопствениот углед. Не знам колку пари му понудиле за таа реклама, но ниедни пари не можат да ми објаснат како прифатил да снима такво нешто, јас верувам дека во својата кариера заработил доволно за да не прифати ваква реклама – вели нашиот соговорник.

Според една млада скопјанка, пак, нема ништо страшно во овие реклами.

– Тоа е нивно право што ќе рекламираат, не гледам дека има нешто лошо во тоа – рече таа.

Една повозрасна госпоѓа рече дека нема ништо спортски во тоа:

– Какви спортисти се тие, на лесен начин до брзи пари, не е во ред да продаваат ветер и магла.

Друг скопјанец вели дека има две страни.

– Ако гледаме демократски, да, може да снимаат, ама ако гледаме системски за државата и за децата, тогаш никако – категорично одговори тој.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, најави дека на сите оние спортисти кои добиваат државна помош и притоа рекламираат казина и обложувалници ќе им биде прекината помошта што ја земаат од државата. Поголемиот број од нашите анкетирани ја поздравуваат оваа одлука.

– Тоа е одличен потег на министерот, браво за ова одлука – рече еден скопјанец.

Погледнете ја целата анкета во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот