ВИДЕО: Жота продолжува да брилјира, Ливерпул му одржа фудбалска лекција на Лестер
Фудбалерите на Ливерпул во едно од дерби пресметките во деветтото коло од Премиер лигата со убедливи 3:0 го совладаа Лестер.
Играчите на актуелниот англиски шампион доминираа на теренот на „Енфилд“ од првата па се до последната минута и доколку фортуната беше на нивна страна, можеа до врв да ја наполнат мрежата на вечерва очајниот Лестер.
Ова беше шести триумф за Ливерпул сезонава и со 20 бода се искачи на делба на лидерската позиција на табелата заедно со Тотенхем, додека Лестер заедно со Челси имаат по два бода помалку и се наоѓаат веднаш зад нив.
За тоа беше доминантен Ливерпул иако играше без болниот Мохамед Салах, и повредените дефанзивци Ван Дајк и Александер-Арнолд, најдобро покажува статистиката, „црвените“ упатија 23 шута кон голот на Шмајхел додека гостите шутнаа само девет пати, а од 12 удари во рамките на голот – три завршија во мрежата на гостите.
Ливерпул поведе во 21. минута со автоголот на Џони Еванс, а две минути подоцна Харви Барнс имаше можност да израмни но неговиот шут заврши покрај голот на Алисон.
„Црвените“ во 41. минута го зголемија водството откако по центаршутот на Енди Робертсон, Диого Жота налета на топката и со глава ја смести во голот.
Конечниот резултат го постави Роберто Фирмињо во 86. минута по корнерот кој го изведе Џејмс Милнер,откако претходно прописно се испромашува на овој натпревар.
Во наредното деветто коло, Ливерпул му гостува на Брајтон, додека Лестер на домашен терен игра против Фулам.