ВИДЕО: Жителите на Бутел протестираат против изградба на зграда висока 30 метри

Приватен инвеститор се подготвува да изгради висококатница во Бутел, на што реагираат жителите  кои живеат во близина на градежната парцела. Велат дека планираната градба од 30 метри ќе им го отежни функционирањето и живеењето, поради што вчера излегоа и на мирен протест.

Сејдула Алими, еден од организаторите на Иницијативата против изградба на висококатницата денеска во Утрински брифинг рече дека ќе продолжат да протестираат се додека не бидат прифатени нивните барања за намалување на катноста на објектот.

-Стапивме во контакт со инвеститорот, но тој немаше интерес ниту желба  да се сретне со нас. Станува збор за деветкатна зграда висока околу 30 метри, која ќе биде изградена во населено место со ниски куќи и значително ќе го отежни функционирањето и од аспект на патна инфраструктура, канализација но и пристап до куќите. Планираме средба со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и од него да побараме да се намали катноста на зградата, рече Алими.

Тој најавува масовен протест доколку општинарите не ги сослушаат нивните барања.

Градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски вели дека се уште не е донесено конечно решение за дозволата за градба бидејќи Министерството за транспорт и врски донело решение за објект до 7 ката, а град Скопје предлага објектот да има 5 ката.

Инвеститорот моментално ја прекинал постапката поради тоа што е одбиено барањето за изградба на висококатница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот