ВИДЕО: Жичницата на Водно е безбедна за употреба, контроли се прават секој ден

Жичницата на Средно Водно која по пауза од речиси две години, пред новогодишните празници беше пуштена во употреба, е безбедна и сигурна за користење. Истата не беше во функција поради коронавирусот, а поради дефект како што често знаевме да слушнеме или прочитаме, рече денеска во Утрински брифинг раководителот на жичницата, Борис Иваноски.

– Изминативе две години се правеше постојано тестирање по препораките од производителот и според домашните закони за безбедност. Редовно се правеше тестирање, сервисирање и проверки. Во септември направивме редовен технички преглед, а секој ден вршиме редовна проверка на безбедноста на жичницата. Покрај тоа проверка се прави редовно,  неделно, месечно и годишно, од акредитирана надворешна фирма. Пред да ја пуштиме жичницата во употреба имавме инспекциски надзор кој исто така потврди дека жичницата е во добра функција и може да работи, објаснува Иваноски.

Од Комисијата за заразни болести добиле протокол за работа во време на пандемија.

– Работиме со 50 проценти капацитет што значи дека во една кабина може да има само четири патници плус деца, бидејќи тие не се опфатени во протоколот. Пред влез во кабината се мери температура, а носењето заштитни маски е задолжително, вели Ивановски

Во случај на прекин на електрична енергија се става во функција помошен погон.

– Доколку се случи да останеме без електрична енергија, се активира помошниот погон, за да се испразни трасата, односно да се ослободат луѓето кои се заглавени кабините. Сме имале таква ситуација во која за помалку од пет минути сите патници безбедно ги напуштија кабините, вели тој.

Иако жичницата за патници се отвора во десет часот, дневните подготовки започнуваат уште во осум часот.  Пред да влезат првите патници во кабината, жичницата вози пробно со вработени во одржувањето. Последното возење во врвот е до 16.30 часот, односно 16.45 од врвот кон Средно Водно. Само во текот на вчерашниот ден се продадени околу 2.000 билети.

– Жичницата работи секој ден освен понеделник и последниот вторник во месецот, поради детален преглед на жичницата, вели нашиот соговорник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот