ВИДЕО: Зеленски навести можна разврска – Украина да влезе во НАТО, Русија да ги задржи освоените територии
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предлага украинската територија под негова контрола да биде ставена „под чадорот на НАТО“ како начин да се запре „жешката фаза“ од војната со Русија, пренесува „Гардијан“.
Во интервју за „Скај њуз“, украинскиот претседател рече дека таков предлог „никогаш не бил разгледан“ од Украина бидејќи никогаш „официјално“ не бил понуден.
„Ако сакаме да ја запреме жешката фаза на војната, треба да ја земеме под чадорот на НАТО територијата на Украина што ја имаме под наша контрола. Тоа е она што треба да го направиме брзо, а потоа Украина може дипломатски да го врати другиот дел од својата територија“, рече Зеленски.
Ukrainian president @ZelenskyyUa told @ramsaysky NATO membership would have to be offered to unoccupied parts of the country to end the "hot phase of the war", as long as the NATO invitation itself recognises Ukraine's internationally recognised borders.https://t.co/yqZZ8aFrwm pic.twitter.com/NuburSX6hw
— Sky News (@SkyNews) November 29, 2024
Во истото интервју, Зеленски рече и дека секоја покана кон Украина за влез во НАТО треба да се даде „во рамките на нејзините меѓународно признаени граници“, бидејќи „не можете да давате покана само на еден дел од земјата“.
Според украинскиот претседател, прекин на огнот е неопходен за да се „гарантира дека Путин нема да се врати“ и да заземе уште украинска територија. Зеленски вели дека НАТО треба „веднаш“ да го покрие делот од Украина под контрола на Киев, што, како што кажа, на Украина ѝ е „многу потребно бидејќи во спротивно тој ќе се врати“.
Досега Зеленски никогаш нема изјавено дека би можел да ѝ препушти кој било дел од окупираната украинска територија на Русија, вклучувајќи го и Крим, кој Русија го зазеде пред повеќе од десет години, во февруари 2014.
Во моментов една петтина од украинската територија е под руска контрола.
Во исто време, „Ројтерс“, повикувајќи се на писмо испратено од украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, објави дека тој ги повикал своите колеги од НАТО да упатат покана до Украина за членство во Алијансата на состанокот во Брисел следната недела.
„Писмото го одразува обновениот притисок од Киев да обезбеди покана за членство во НАТО, што е дел од „планот за победа“ наведен минатиот месец од претседателот Володимир Зеленски за ставање крај на војната предизвикана од руската инвазија на Украина во 2022 година. Украина вели дека го прифаќа тоа не може да се приклучи на НАТО додека војната не заврши, но испраќањето покана сега ќе му покаже на рускиот претседател Владимир Путин дека една од неговите главни цели – спречување на Киев да стане членка на НАТО – не може да се постигне“, пишува Сибиха во писмото до сојузниците.
Интервјуто на Зеленски доаѓа во истата недела кога руските напади со беспилотни летала и ракети сериозно ја оштетија цивилната инфраструктура во Украина, оставајќи повеќе од милион луѓе без греење и струја на ниски температури.
Британскиот премиер Кир Стармер разговараше за нападите со Зеленски во четвртокот. „Даунинг стрит“ соопшти дека лидерите „дискутирале за страотниот руски ракетен напад во раните утрински часови, кој лиши повеќе од милион луѓе од топлина, светлина и електрична енергија“. По извештаите дека во Киев е испратена нова пратка британски ракети „Сторм шедоу“, Зеленски рече во неговиот разговор со Стармер дека „разговарале за унапредување на одбранбената соработка и зајакнување на капацитетите на Украина за долг дострел“.