ВИДЕО: Започна војната во Нагорно-Карабах, претседателството на Азербејџан ги повика Ерменците да го предадат оружјето

Фото: EPA-EFE/HAYK BAGHDASARYAN / PHOTOLURE MANDATORY CREDIT

Претседателството на Азербејџан денеска ги повика ерменските сепаратистички сили во Нагорно Карабах да го положат оружјето, оценувајќи дека тоа е услов за почеток на преговорите.

„Нелегалните ерменски вооружени сили мора да го подигнат белото знаме, да го предадат оружјето и нелегалниот режим мора да биде распуштен. Во спротивно, антитерористичките операции ќе продолжат до крај“, соопшти Азербејџанското претседателство.

Тие денеска соопштија дека започнале „антитерористички операции“ против ерменските сили во Нагорно Карабах, област спорна меѓу двете земји.

Набргу потоа, ерменските сепаратистички власти во енклавата објавија дека главниот град на Нагорно-Карабах, Степанакерт и другите градови во областа биле цел на „тешки напади“.

Локалните власти на Нагорно Карабах вечерва соопштија дека според новиот биланс во конфликтот  загинале пет лица, а 80 се ранети.

Тие  додадоа дека азербејџанската војска во конфликтот користи артилерија, нападни беспилотни летала и борбени авиони.

Министерството за одбрана на Азербејџан претходно соопшти дека започнало операција во регионот Нагорно-Карабах, кој е под контрола на Ерменија. Станува збор за регион кој веќе неколку години е предмет на спорови и конфликти.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот