ВИДЕО | Зајкова: „Бугарскиот воз“ во Бугарија замина во историјата, електронското гласање беспрекорно

Пратеничката од редовите на ЛДП Моника Зајкова, за Слободен печат, говори за искуството како набљудувач на парламентарните избори во Бугарија што се одржаа на 4 април.

П: Неодамна се вративте од Бугарија каде бевте дел од македонската делегација во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламентарните избори. Задачата на Мисијата е да даде оценка за тоа дали изборите поминале во фер и деморкатска атмосфера. Каква прелиминарна оценка доби нашиот сосед?

-Кога ја добив шансата да бидам дел од македонската собраниска делегација во Парламентарното собрание на ОБСЕ за набљудување на изборите во Бугарија, малку се премислував дали да ја прифатам поканата поради корона пандемијата. Но, победи желбата дека и ние како што тие постојано го прават тоа, треба да ги „држиме под лупа“. Бев набљудувач на избирачките места во близина на Софија и Самоков каде изборите се одвиваа без нерегуларности. Меѓутоа на брифинзите на ОБСЕ, колегите имаа забелешки дека измените во Изборниот законик се случиле непосредно пред изборите, без да бидат вклучени засегнатите страни и јавноста. Беше нотирано и дека во одредени медиуми владејачката коалиција добивала поголем информативен простор на сметка на другите политички партии. Така граѓаните биле спречени да бидат информирани за нивните изборни програми и кадровски решенија. Имаше и други ситни забелешки, како на пример, дека дел од гласачките машини биле поставени на начин на кој што не гарантирале целосна тајност на гласањето. За првпат во Бугарија се спроведе електронско гласање. Тамошните власти информираа дека овие избори биле најскапите. Само за набавка на девет илјади гласачки апарати биле потрошени 25 милиони евра.

П:Какво е вашето искуство што го имавте на изборнот ден. Дали се течеше како што треба?

-Машинското гласање е новина во Бугарија. Но сметам дека таквиот начин на гласање е чекор за поздравување, бидејќи ја гарантира кредибилноста на изборите. Не бев сведок на машина за гласање која не работела на денот на изборите, но од колегите слушнав дека и кога се јавувал технички проблем со функцонирањето, истиот бил отклонуван за неполна минута. Ме радува фактот дека голем број од граѓаните на Бугарија го користеа електронското гласање, иако доминираше традиционалното гласање со избирачко ливче, бидејќи на гласачите им беше оставен избор како сакаат да го остварат своето гласачко право. На крајот на денот машината ви го дава севкупниот извештај за тоталниот број на гласови кој што се споредува со слиповите кои се ставаат во гласачката кутија. Очигледно целта на електронското гласање е спречување на изборните нерегуларности, меѓу нив т.н. „бугарски воз“.

П: Какви се шансите и Македонија да набави машини за гласање за да се избегне можноста од оспрорување на изборите?

-Со електронското гласање очигледно е дека се избегнуваат нерегуларности па и т.н. „бугарски воз“. Кај нас на локалните избори за првпат ќе бидат воведени скенери за отисок од прст. Тоа е чекор напред во демократските процеси, но сметам дека треба што поскоро да почнеме да размислуваме и за спроведување на избори со машини за гласање, бидејќи тие ќе ни ја гарантираат кредибилноста на изборите. Добро е што ние како собраниска делегација која учествуваше во набљудување на изборите во Бугарија ќе можеме да ги пренесеме тие позитивни искуства дома.

П: Уште нема абер дека наскоро ќе биде формирана новата бугарска влада. Ние посакуваме тоа да биде побрзо, какви се шансите со ваквата поставеност на политичките опоненти во Бугарија?

-Резулатите од изборите во Бугарија, можеби за многумина беа неочекувани. Видовме дека партијата „Има таков народ“, на Слави Трифонов забележа значителен раст, исто како и ДПС. На некој начин со ваквата поставеност нема лесто да се формира стабилна влада и кај нас има скептицизам дека не е така можен брз напредок на кој се надевавме ние, во решавање на билатералните прашања. И Министерот за надворешни работи откако ги виде изборните резулатати во Бугарија, оцени дека да се создадат услови за продолжување на решавањето на билатералното прашање. Сепак сметам дека не треба да го чекаме исходот кај соседите, туку да ја продолжиме работата дома на економски, општествен културен план, со еден збор да функционираат инстиутциите. На крајот на денот на нашите граѓани колку и да им се важни добрососедските односи, повежно им е да имаат функционален систем и ефикасно работење на нашите институици, вклучително и Собранието.

П:Во извештајот на Амнести интернешнл е нотирана загриженоста за неказнивост, говор наомраза, дискриминација на Роми и ЛГБТ заедницата. Зошто во нашата држава се уште не можат да се надминат овие проблеми?

-Како земја имавме вакум простор поради дискриминацијата не беше нотирана. Немавме Законот за заштита од дискириминација а имавме нефункцоионална Комисија за спречување од дискриминација. Задача на новата Комисија е да ја нотира дискриминација, било тоа да е верска, национална, сексуална, родов идентитет. И лицата со инвалидитет трпат одредени степени на дискриминација. Но, секогаш фокусот како да ни е ставен дека имаме „поприоритетни“ прашања во државата. Сметам дека секое прашање е приоритетно, особено кога зборуваме за граѓански или човекови права. Се додека луѓето ги делиме на една или друга категорија, не можеме да говориме дека сме еднакви. Треба уште многу да работиме на унапредување на човековите права, затоа што како држава кандидат за членство во ЕУ ќе ни биде тешко да ги затвориме поглавјата од Копенхашките критеиуми. Во оваа прилика им ја честитам 50 годишнината на ромската заедница – Денот на Ромите.

П: Во Собранието и понатаму се заглавени законите од петиот сет антикризни мерки. Опозициските Алијанса и Алтернатива ги блокираат со илјадници амандмани на сметка на Законот за државјанство. Како ќе се надмине ваквата состојба во законодавниот дом?

Најмалку што сега треба да правиме е да ги чекаме изборните резулатати од соседите или, пак, ЕУ да ни ги решава проблемите. За жал ние сме соочени со едно нефункционално Собрание. Има партии кои прават филибастеринг на сметка на граѓаните. Ова Собрание треба конечно да ни овозможи да работиме. Одреден период бев спречена да работам во интерес на граѓаните бидејќи бев болна од коронавирус, но жалам што не ми беше овозможена он лајн работа во Парламентот. Поради постојаните блокади и сега сме спречени да работиме. Апелирам до сите политички субјекти, и до колегите од Алијанса и Алтернатива, да надвладее разумот, затоа што има и време и место за собирање на политички поени. Сега пред нас се интересите на граѓаните и стопанството и мора да им излеземе во пресрет, час поскоро. На македонските граѓани на стопанството им е потребна помош. Како пратеник сакам да ги погледнам граѓаните во очи и да им кажам „да“ го изгласавме пакетот закони од петиот сет на антикризни мерки и дека со тоа ќе бидат вратени на работните места. Сакам да гарантирам дека работам во професионално и ефикасно Собрание кое носи одлуки во интерес на сите нас, а не во Собрание во кое секојдневно се собираат политички поени. Во македонската собранската делегација во мисијата на ПС на ОБСЕ беа и пратениците Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ како шеф на Делегацијата и Халил Снопче, од Алијансата за Албаниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот