ВИДЕО | Заев: Пендаровски е пријател на Бугарија, некој пат не сме доволно внимателни со зборовите

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Претседателот Стево Пендаровски не бил внимателен со зборовите кога кажа дека бугарската политика нема излезено од матрицата на Живковизмот, а во душата и паметот има желба за големо пријателство со Бугарија, смета премиерот Зоран Заев.

Во интервју за бугарската агенција „БГНЕС“, Заев беше прашан дали се оградува од тврдењето дека Бугарија е живковистичка држава.

-Верувајте, претседателот Пендаровски е пријател на Бугарија. Не е толку искусен политичар, како што е Зоран Заев. Нормално, затоа што работел со нашите претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, беше национален координатор за НАТО во мојата влада. Тој е сериозен општественик и е ангажиран целосно на пријателството со нашите соседи и со Република Бугарија и секако на нашата интеграцијата во НАТО и ЕУ. Некој пат, верувам дека и јас, не само тој, не сме доволно внимателни со зборовите. Ви кажувам отворено, дека во неговата душа и неговиот памет, е комплетно желбата и сонот за големо пријателство, кое го имаме, но треба да го доизградиме и тој е голем поддржувач на договорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија-  вели Заев на бугарскиот новинар.

За изјавата на Пендаровски од 20 ноември, дека „актуелната бугарската политика, власт или опозиција сосема сеедно, нема излезено од матрицата на Живковизмот“, Заев додаде дека „тоа е исто како да кажете дека ние сме Титова Македонија или не знам Лазармојсова Македонија или не знам каква“.

Претседателот Стево Пендаровски неодамна изјави дека не очекува во наредните неколку недели да се постигне договор со Бугарија со што би се деблокирал патот на Северна Македонија кон ЕУ. Бугарија вели тој, драстично ја променила политиката кон земјава во изминатите неколку месеци. Со таква политика, според него, Бугарија покажува дека не може да излезе од времето на Тодор Живков.

-Претседателот Радев не се разликува од премиерот Бојко Борисов, од Екатерина Захариева, не се разликува од Каракачанов. Станува збор само за персонални стилови, личен стил,  дали ти се изразуваш на еден начин, јас на поинакво начин, меѓутоа  главните позиции , главните тези на бугарската политика кон нас или кон тоа како го велат тоа историачрите  т.н.  македонско прашање е идентично во последните 70 години. Основоположник на тие позиции дека не постои македонски народ и не постои македонски јазик е Тодор Живков. Значи практично, бугарската денешна актуелна современа политика, власт, опозиција сосема сеедно, нема излезено од матрицата на живкоизмот и од матрицата на нивната комунистичка историографија, рече Пендаровски за Трилинг на ТВ 24.

Пендаровски: Реални шанси за договор со Бугарија не постојат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот