ВИДЕО: Заев ќе се повлече од политиката, тоа е прашање на месеци, вели Пендаровски

Претседателот Пендаровски во гостување на ТВ21 / 10 ноември 2021 / фото: ТВ21/принтскрин

Шефот на државата Стево Пендаровски вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 откри дека неколкупати разговарал со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, околу причините за неговата оставка.

Според него, мотивите и причините за оставката на Заев не се само политички, туку и „длабоко лични“.

„Јас мислам дека независно од последните најави од вчера дека тој ќе остане уште извесен период, јас мислам дека неговото повлекување од политиката е прашање на месеци“, рече Пендаровски.

Претседателот на шега вели дека сега „и најголемите разузнавачки служби не знаат кој има 61 пратеник“.

Според Пендаровски, кој и да ја предводи следната влада, земјата нема да скршне од стратешките насоки.

– Мојата проценка од оваа позиција, е дека стратешката насока, и при евентуална промена на власта, нема да се менува. Затоа што мислам дека во однос на клучниот документ кој ни ги отвори вратите на Европа, зборувам за Договорот од Преспа, ако сегашната опозиција стане власт, ќе се однесува исто или слично како „Неа Демократиа” во Грција. Јас кога зборував со Мицотакис, тој вели дека да бил на местото на Ципрас, немало да го потпише договорот. Рече дека не може, а да не го почитува договорот, иако не го сака. Затоа и јас мислам дека не треба да се коцкаме со ова, и нема да се коцка кој и да дојде на власт, рече Пендаровски во интервјуто на ТВ21.