ВИДЕО | Заев: Денеска сме пријатели со сите наши соседи и сме почитувани од целиот свет

Зоран Заев
Заев рече дека опозиционерите немале храброст да донесат една позитивна одлука за државата и оти само калкулираат со нивниот политички рејтинг / Фото: СДСМ

Премиерот и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев на денешниот митинг во Гостивар вети поддршка преку ЕБРД за чистење на дивите депонии и комплетно регулирање на регуларна регионална депонија за Гостивар, Теотово и за целиот Полошки Регион.

– Следуваат нови важни проекти за Гостивар поддржани директно од централната власт. Еден од нив, можеби најважниот е изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани – Кичево, што истовремено ќе значи подобра поврзаност на Гостивар и повеќе можности за забрзан економски раст. Ветуваме поддржа од 100 милиони евра обезбедени од Европската инвестициона банка за канализации, водоводи и прочистителни станици, ветуваме поддршка од Светска банка за локални патишта и улици, ветуваме поддршка државниот буџет за големи комунални проекти во општина Гостивар, ветуваме поддршка преку ЕБРД за чистење на дивите депонии и комплетно регулирање на регуларна регионална депонија за Гостивар, Тетово и за целиот Полошки Регион, порача Заев.

Тој се осврна на она што досега централната власт го има сработено во Гостивар, потенцирајќи дека тие проекти сегашниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари не знае да ги наброи, а не да ги реализира.

– Овде во Гостивар поддржавме и во тек на реализација се завршена гасоводна линија Скопје- Тетово – Гостивар, обезбедена физибилити проект комплетно финансиран од ЕБРО за гасоводна линија Гостивар-Кичево, рехабилитација на магистралниот пат Гостивар-Колари во должина од 28,5 километри, санирани пет мостовина државниот пат А2, изграда и опрема на детска градинка во оппштина гостивар со капацитет од 90 деца, изградба на водоводна мрежа во Гостивар, цевковод долг 5375 метри, нова спортска сала во „Мустафа Кемал Ататурк”, рехсбилитација на локален пат од село Сушички мост до депонија Русино, автопатска делница од мостот кај село Здуње до нааплатна станица Гостивар, долга 4,5 километри, реконструкција на регионален пат Гостивар-Србиново, реконструкција на болница, фекална канализација во Бањештица во вредност од над два милиони денари, замена на опрема и мебел во трите градинки, изградба на локален пат во село Трново и село Педалиште, набавка на возило за одржување на улични светилки, истакна Заев.

Лидерот на СДСМ побара поддршка од гостиварачни на претстојните локални избори, уверувајќи ги дека ќе ќе продолжат да работата онака како што работеле досега, за сите граѓани да имаат еднакви услови за живот.

– Ние продолжуваме да инвестираме во секоја општина, во секое населено место. За да си ги задржиме младите во нивните општини. Искористете ја шансата и во недела одберете го најдоброто за Гостивар. Гласајте за советничката листа и за бројот 12, порача Заев.

Тој упати благодарност до гостиварчани за соживотот кој го демонстрирале досега и упати критики до опонентите на СДСМ.

– Благодарам Гостивар што не научи, благодарам наш мултиетнички Гостивар што држеше лекции низ децении и векови на соживот на заедништво на меѓусебно почитување и денеска да си го имаме тоа ширум Македонија. Затоа што единството ја носи силата, затоа што во заедништвото е успехот, затоа што само сплотени заедно можеме да го доживееме најдоброто коешто го посакуваме и во Гостивар и во цела Северна Македонија. Не сме исти, различни сме од сите, не само што сите сите етнички заедници, сите религиски групи, сите културолошки наши традиционални разноликости ни се собрани, во СДСМ и нашата коалиција туку и по се друго сме различни од нашите опоненти, нагласи Заев.

Тој рече дека опозиционерите немале храброст да донесат една позитивна одлука за државата и оти само калкулираат со нивниот политички рејтинг.

– Овие четири години одржавме лекција како се сака државата, како се сплотува народот, како се исполнуваат стратешките интереси на дрѓавата, како можеме да бидеме горда нација почитувана од целиот свет. 30 години доаѓаа политичари на овие плоштади ширум земјава, ветуваа НАТО, ЕУ, ништо не успеаа, еве ме мене исправен пред вас, денеска сме членка на НАТО. Траен мир, вечен мир, стабилност, сигурност, безбеднос и веднаш економија, оваа стратешка цел ја исполнивме. При тоа благодарен и на Албанците и на Турците, Србите, Власите, Ромите и на Бошњаците за огромното разбирање кон Македонците, заради солидарноста, за да го сочуваме македонскиот идентите и македонскиот јазик. Денеска сме држава со признаен идентите и јазик оти тој беше загрозен на најголемата етничка заедница во нашата мултиетничка држава, рече Заев.

Мицкоски и Села, како што посочи тој, се споија околу заедничката безидејност и омраза кон другите.

– Затоа таа вештачка коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, тој брак од интерес ќе им се распадне уште во недела околу полноќ. Кога и двајцата ќе видат дека ниту членови на ВМРО-ДПМНЕ гласале за Алијанса за Албанците, ниту членови на Алијанса за Албанците гласале за ВМРО-ДПМНЕ ќе се распадне коалиција. Не може заедно „Македонци варвари” и „Чиста Македонија”. Паметни се луѓето, не пиеме нафта, гледаме што се случува кажа Заев.

Тој додаде дека граѓаните треба во недела да ги поразат Села и Мицкоски во Гостивар, со цел да ги натераат да се реформираат и да се борат рамноправно за секој граѓанин без да ги интересира која религија е или каква етничка припадност има.

– Затоа ќе останат во опозиција додека не им дојде паметот во глава. Не е ова ни 19, ни 20 век, веќе сме во третата деценија од 21 век. Време е да фатиме чекор со современиот свет, кажа Заев.

Тој посочи дека денес дома сме сплотени сите, дека сме пријатели со соседите и почитувани од целиот свет.

– Денеска сме сплотени единствени дома сите, денеска сме пријатели со сите наши соседи, денеска сме почитувани од целиот свет. Нѐ посетија сите светски демократски лидери во Скопје. Изразија почит кон нашиот народ, кон нашето заедништво, кон нашите реформи. Одржавме европски лекции и за многу европски земји. Денеска каде и да одиме поччита е огромна, покаѓжавме дека имаме пријатели низ целиот свет. Денеска сме многу поразлично од тоа што бевме и тоа само за четири години, посочи Заев.

Лидерот на СДСМ потенцираше дека граѓаните знаат да направат разлика и тоа како бел ден стана јасно, кој ја нормализира државата, кој го сплотува народот, а кој да има можност уште утре ќе се скара и со Албанија и со Бугарија и со Косово и Србија, веднаш бој меѓу Македонците и Албанците, за да се чукаат во градите кој ќе е поголем Албанец, а кој Македонец.

– Додека ги решававме најкрупните прашања исправени пред предизвикот на националистите и тоа националистите од двете страни и од ВМРО-ДПМНЕ и од страна на Алијанса за Албанците, носевме храбри одлуки, 85 проценти имаа резерва граѓаните кога гоо потпишувавме Преспанскиот договор. Се закануваа во Источна Македонија дека Македонците нема да зборат македонски јазик заради Законот за употребата на јазиците. Еве сме денес сите сме здрави, живи меѓу себе се почитуваме, имаме пример којшто претставува најсериозен контрааргумент за секакви теории за прекројувања на граници, размена на територии во регионот. нНие сме урнекот, примерот, ние сме Европа во мало, посочи Заев.

Премиерот потсети дека се реализирани седум илјади проекти во општините.

– Изградивме и обновивме 60 детски градинки, 80 училишта, 60 објекти на полицијата, 34 болници и здравствени домови, 20 домови на култура, библиотеки, општински згради, театари, потенцираше Заев.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот