ВИДЕО: Вучиќ се скара со црногорски новинар околу Косово
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска одговараше на новинарски прашања за време на престојот во Црна Гора, каде учествуваше на собирот на лидерите на процесот Брдо-Бриони, при што влезе во конфликт со локален новинар кој, упатувајќи прашање, го употреби изразот „Република Косово“.
Ова Вучиќ го сфати како провокација, па веднаш одговори дека не постои таков меѓународно-правен ентитет.
„Ви благодарам што го направивте ова – да не го направевте, многумина ќе се сомневаа во моите зборови. Вака сите се уверија колку сум во право. Не постои Република Косово, не постои по меѓународното јавно право. Не постои по повелбата на Обединетите нации, не постои по резолуцијата 1244. Не ми пречи тоа што вие се радувате и сакате намерно да провоцирате изговарајќи Република Косово. Замислете јас да зборувам сега за Република Гусиње или Република Пљевља, таква држава не постои“, рече Вучиќ.
По ова, српскиот претседател продолжи да објаснува дека Србија е неутрална земја која самата себе се брани, не пропуштајќи со ироничен тон да упати омаловажувачки коментар за Црна Гора: „Ние не сме моќни и силни како вас, не сме во НАТО…“.
Откако новинарот почна повторно да зборува, Вучиќ му рече да не го прекинува и „да се упристои“.
„Немојте да ме прекинувате. Ајде малку упристои се. Биди пристоен и немој да ме прекинуваш, затоа што јас внимателно ве ислушав“, рече Вучиќ, кој го заврши монологот што следеше со „Да живее Србија“.