ВИДЕО: Втор пораз од Португалија, Македонија во април по „билет“ за пласман на ЕП 2024

фото: EPA-EFE/MANUEL FERNANDO ARAUJO

Денеска во четвртото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во Германија во 2024 година, македонската сениорска репрезентација загуби на гостувањето кај Португалија со 32:27 (15:11).

Португалците кои славеа и пред три дена во Скопје, на две кола до крајот на квалификацискиот циклус, и официјално го обезбедија учеството на следниот континентален собир.

За избраниците на селекторот Кирил Лазаров останува во април да го потврдат пласман на ЕП, односно на 26 април гостуваат кај Луксембург, а четири дена подоцна се домаќини на Турција.

На стартот од денешниот меч имавме водство од 1:3 по погодокот на Костоски. Се играше гол за гол во понатамошниот период, возвратија домаќините со своја позитива од „плус два“ (6:4) по 15 минути игра.

Повторно имавме неколку пати минимална предност од 7:8 во 19 минута преку Серафимов, Џонов реализираше за 8:9, Кузмановски за 9:10, па одново Серафимов 10:11 во 22 минута. Добро се држевме до последните пет минути од првиот дел, а потоа Португалија со серија голови која продолжи и во второто полувреме (8:0) како да го скрши сиот отпор на нашите играчи.

Таа низа на погодоци се покажа како клучна за крајниот епилог, Португалците сигурно ја одржуваа предноста, не дозволувајќи им на македонските ракометари да се вратат резултатски во овој меч.

За Португалија по четири голови имаа Итуриза, Мартинс Соареш, Гомеш и Фраде, а на спротивната страна најрасположен беше Кузмановски со 10 голови, пет помалку имаше Серафимов.

На табелата во квалификациската група „1“ води Португалија со осум бодови, по четири имаат Македонија и Турција, а Луксембург е последен (0).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот