ВИДЕО: „Врие“ во Белград, вечерва илјадници луѓе протестираат против полициската бруталност

Протест против полициското насилство во Белград / 28 ноември 2021 / фото: Твитер

Во Белград на Плоштадот на Републиката вечерва во 18 часот започна протест против насилството на полицијата кон граѓаните кои вчера го блокираа сообраќајот низ Србија.

Протестот, на кој учествуваат неколку илјади граѓани, е во организација на движењето „Да не го давиме Белград“, Еколошкото востание, Отворената платформа „Акција”, а протест го поддржа и Зоран Лутовац, претседателот на опозициската Демократска партија. Присутни се стотици униформирани полицајци.

Добрица Веселиновиќ од движењето „Да не го давиме Белград“, изјави дека по вчерашното насилство кога маскирани хулигани со багер ги нападнаа насобраните граѓани во Шабац, тие денеска се собраа во Белград да им кажат на луѓето што навистина се случило во овој српски град.

-Тука сме луѓето да разберат дека Српската напредна странка (СНС) ја злоупотреби државата за да им овозможи на хулиганите да прават што сакаат. Во Шабац беа приведени уште некои луѓе и ние ќе им помогнеме на секој начин. Бараме да бидат ослободени, а оние кои се навистина хулигани да бидат уапсени, изјави Веселиновиќ од движењето „Да не го давиме Белград”. Тој изјави дека ќе ја поддржи следната блокада во сабота, а ги повика граѓаните на протест утре во Лозница.

По обраќањето на говорниците на Плоштадот на Републиката, граѓаните тргнаа со протестна прошетка кон јавниот радиодифузен сервис РТС, каде ќе побараат нивните барања да бидат прочитани на државната телевизија.

Вчеравечер беше уапсен и доби 48-часовен притвор Драган Миловановиќ Црни, демонстрант кој на вчерашната блокада на клучните патишта во знак на протест против донесувањето на законот за експропријација на земјиштето и законот за референдум го спречи возачот на багерот со членови на владеачката СНС да влезе во групата насобрани граѓани.

По повод вчерашните настани, поглаварот на Српската православна црква Порфирије упати апел во кој од сите граѓани побара мир и меѓусебно почитување.

Во реакцијата на вчерашните протести претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека луѓето кои ги блокираа патиштата „го прекршиле Уставот со загрозување на слободата на движење на другите луѓе”, но и дека полицијата не интервенирала.

-Се фалат кога собираат 3.000 луѓе, да се соберат и 5.000, ќе се сложите, не е баш Бог за што. Газела беше блокирана од 50 луѓе од едната страна, 70 од другата страна, а во овој град живеат два милиони луѓе, изјави срспкиот претседател

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот