ВИДЕО: Возраста засега единствен приоритет за вакцинација, масовна динамика кога ќе пристигнат кинеските 200.000 дози

СЦ Борис Трајковски / Скопје, 2021 / Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Хронично болните, лицата со ретки болести и лицата со посебни потреби засега остануваат надвор од процесот за вакцинација. Во исчекување на нови количества вакцини, како единствен критериум за приоритена вакцинација останува возраста, дециден е министерот за здравство Венко Филипче.

Тој најави дека на 19 и 26 април пристигнуваат по 10.000 дози вакцини од компанијата „Фајзер“, а очекува дека ќе вродат со плод и преговорите со руската и кинеската амбасада за испорака на руски и кинески вакцини.

-76.000 дози од компанијата „АстраЗенека“ треба да пристигнат кон крајот на месецот, а очекувам и помош преку трилатералните договори на ниво на ЕУ кои ќе пристигнат дефинитивно на почетокот на мај. Најголема динамика во вакцинирањето ќе се постигне со пристигнувањето на 200.000 вакцини од Кина, по што ќе бидат отворени големи вакцинални центри во Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, каде има доволно кадар, рече министерот д-р Венко Филипче без да прецизира кога ќе пристигне ова најголемо количество досега.

На сајтот „вакцинација.мк“. се пријавени околу 140.000 граѓани, но ќе бидат повикувани исклучиво според возраста, информираше министерот.

Во А1 Арената Борис Трајковски денеска завршува вакцинацијата на вработените од критичната државна инфраструктура па денеска во редот се појавија вработените од Финансиската полиција, а камерата на Слободен печат ја забележа и јавната обвинителка Фатиме Фетаи, зошто и судските работници се меѓу приоритетните во првиот бран за вакцинација.

Од утре во Спортскиот центар ќе продолжи вакцинирањето на возрасните граѓани со околу 2.500 останати дози од Спутник В, 2000 дози од Астра Зенека и 1.000 кинески вакцини од компанијата Синофарм, по што ќе се надополнува системот за вакцинација како што ќе пристигнуваат новите количества.

Во врска со информациите дека граѓани на возраст од 67 години кои воопшто не се пријавиле преку сајтот „вакцинација.мк“ ниту преку матичните лекари, а биле повикани за утре да се вакцинираат во пинктот во поликлиниката Ѓорче Петров со вакцината АстраЗенека, министерот рече дека не е информиран дека такви случаи имало во Скопје, со оглед на тоа што возрасната граница за оваа вакцина е спуштена од 77 години, сега на 74 и 73.

-Такви случаи може да има само во помалите градови, ако е исцрпена највозрасната група, рече министерот и додаде дека ќе провери дали така се постапувало во пунктот во Ѓорче Петров.

Што се однесува до неговото вакцинирање, Филипче најави дека ќе се вакцинира кога во земјава ќе има доволно количество вакцини и не му прави разлика со која конкретно зошто смета дека сите се добри и безбедни за сите граѓани.

Нови рестриктивни мерки би се разгледувале само доколку бројките на заболени продолжат да растат, а бројот на слободни болнички кревети да се намалува. Но во моментов, со воспоставениот полициски час од 20 часот со 5 часот наутро постои тренд на намалување на новодијагностицирани случаи.

-Епидемиолошката крива е во постојан пад и мерките даваат резултати. Пристисокот врз болниците се уште е голем, но добро се менаџираат болничкитге капацитетот и има слободни кревети и во Скопје, на интерните клиники и во ковид центарот во Заводот за рехабилитација во Козле како и во другите градови. Критично сега е само во Куманово и Битола, нагласи министерот.

Новиот предлог на закон со кој ќе се намалат цените во приватните здравствени институции ќе им бидат во корист на граѓаните кои по сопствена волја ќе одлучат да се лекуваат во приватното здравство.

-Во зависност од терапијата која ќе ја примат во приватните болници и периодот на лекување, цената болничките услуги нема да биде повисока од 300.000 денари, дециден е министерот кој вети дека ќе се разгледа и предлогот да бидат бесплатни ПЦР тестовите во лабораториите каде сега граѓаните плаќаат околу 2.700 денари за ковид тест.

Овој месец здравствените работници треба да го добијат долгоочекуваното покачување од 5 проценти, кое, според министерот запнало во административни процедури.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот