ВИДЕО: Возењето велосипеди и електрични тротинети е здраво, но сообраќајните правила се исти за сите

Велосипедисти / Фото: Слободен печат

Скопјани во последниве години ги следат трендовите, заменувајќи ги гужвите во сообраќајот и во автобусите, со велосипеди и електрични тротинети. Во сончевите денови, сè повеќе граѓани одлучуваат своите секојдневни активности да ги прават движејќи се со овие превозни средства.

Некои скопски општини и Градот често даваат субвенции за купување на електрични тротинети и велосипеди, потенцирајќи ги како практичен градски превоз, со чие користење се намалува загадувањето на воздухот.

Но, возачите на тротинетите и велосипедите велат дека се чувствуваат небезбедни на улиците, а сѐ почесто се појавуваат информации за тешки сообраќајни несреќи во кои учествуваат велосипедисти или возачи на тротинети.

Според податоците на МВР, во период од јануари до август 2022 година, сообраќајната полиција казнила 47 возачи на електрични тротинети, поради различни причини. Скопјани се сè понервозни поради возачите на тротинети, сметајќи дека тие не ги почитуваат сообраќајните правила.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, неодамна изјави дека е „убаво граѓаните да возат електрични тротинети, но тоа не значи дека сообраќајните правила не важат и за нив“.

Со измените во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата донесени во декември 2020 година, возачите на овие тротинети се обврзани да го управуваат возилото по велосипедски патеки или по пешачка патека. Тие, исто така, по велосипедска патека не смеат да се движат со повеќе од 25 km/h, а на пешачка патека со повеќе од 6 km/h.

Според Законот, возачот на тротинетот не смее да биде помлад од 14 години и мора да носи заштитен шлем на главата, нешто што ретко може да се забележи низ скопските улици.

МВР, како и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) често ги повикуваат граѓаните да можат што е можно повеќе да возат велосипеди и електрични тротинети, но и да бидат претпазливи додека ги управуваат ваквите превозни средства и да ги следат правилата.

Оваа недела се одбележува „Европската недела на мобилност“, кампања која Европската комисија од 2002 година, па се до ден денес ја спроведува во третата седмица од септември.

РСБСП и годинава е дел од кампањата, а како што велат тие, главната цел е да се формираат здрави животни навики, чиста животна средина, побезбеден сообраќај и поддршка на алтернативните форми на мобилност.

Видео на денот