ВИДЕО: Во Шуто Оризари се уште нема матичен гинеколог

Повеќе од десет години во жените од Шуто Оризари имаат проблем да обезбедат матичен гинеколог во општината. Во овој временски период, периодично се решавал овој проблем, но никогаш не се нашло трајно решение.

Ова денеска во Утрински брифинг го истакна Салија Бекир Халим, активистка во Иницијативата на жени од Шуто Оризари, која активно се бори за унапредување на сексуалните и репродуктивните права на жените.

-Во неколку периоди имаше неколку гинеколози кои ја отворија гинеколошката ординација, но поради нивни лични причини си заминуваа. Таков е и примерот со последната докторка која ја затвори ординацијата пред повеќе од една година. Од тогаш до денеска во Шуто Оризари нема гинеколог. Тоа претставува ризик за околу 13.000 жени кои се во репродуктивен период, објаснува Бекир Халим.

Иницијативата имала средба со министерот за здравство, Венко Филипче, на која што се нашло решение, односно успешно завршила мотивацијата за пријавување на гинеколози, но во пракса проблемот се уште постои.

-Целиот процес трае премногу долго, а проблемот е се уште присутен. Постапката за избирање на тендер е завршена, меѓутоа се чека набавка на апаратот, вели Салија.

И Општина Шуто Оризари се вклучила во решевање на проблемот со издвојување на средства од буџетот за плата и придонеси за медицинската сестра, за првите шест месеци. Исто така со сопствени средства ја реновирала ординацијата.

Најтешко е тоа што поголемиот дел од жените се невработени и живеат на работ на сиромаштија, што ги оневозможува да отидат подалеку, во друга општина на гинеколошки преглед, но дури и кога ќе отидат најчесто се одбивани со образложение дека не можат да ги примат поради големиот број на пациенти кои се лекуваат кај нив.

Но, не е проблем само немањето на гинеколог во општината, жителите се соочуваат и со проблем при посета на општ лекар, бидејќи две докторки ги напуштиле ординациите, а во моментов има само четворица лекари за многубројното население кое живее во Шуто Оризари.

-Треба да се објават огласи за нови концесионери и за ови вработувања на матични лекари токму за оваа категорија на ранлиги граѓани кои живеат во Шуто Оризари, нагласува Салија Бекир Халим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот