ВИДЕО: Во акушерството инцидентните несреќни случаи не ја рушат довербата во акушерките и гинеколозите

Акушерките ја имаат можеби една од најблагородните работи, тие со свои раце на свет носат нова душа, нов живот. Нивната работа и пред пандемијата беше стресна, но сега откако влегуваат во црвените зони за да породат позитивна на ковид-19 трудница, го ставаат во ризик сопствениот живот, за на свет да донесат нов живот.

Тања Петковска која веќе дваесет години кога е во родилна сала не го слуша своето срце се додека не го слушне срцето на бебето, по повод Светскиот ден на акушерките вели дека е привилегија да се биде акушерка, но и голем предизвик истовремено.

-Се радуваме заедно со мајките кога им ги даваме бебињата во раце, но и плачеме и сочувствуваме заедно со нив ако исходот не е добар. Целосно се внесуваме во работата за да им помогнеме на идните мајки на свет да донесат здраво бебе. Се грижиме за мајките и бебињата и во часовите по породувањето, ги советуваме како да ги дојат и како да ги пресоблекуваат своите малечки, вели акушерката Петковска.

Таа вели дека посебно стресно го доживуваат работењето со родилките кои се позитивни на ковид.

-Тие доаѓаат кај нас исплашени, а на почетокот исплашени бевме и ние, бидејќи се сретнавме со нешто ново и непознато, а тоа носи и оправдана загриженост. Клиниката за гинекологија и акушерство е најголемо родилиште во државата, но и единствена болница која ги прима ковид позитивните или суспектни пациентки. Изминатите години во ГАК се раѓаа и до 5.000 бебиња годишно, но во 2020 година бројот на новородени се намали за околу 900 бебиња бидејќи на почетокот на пандемијата примавме само ковид позитивни пациентки и комплицирани породувања, додека здравите пациентки ги препраќавме да се породат во болницата во Чаир.

Од почетокот на пандемијата во ГАК родени се 340 бебиња од мајки позитивни или суспектни на ковид-19. Но, ниту на едно од бебињата не се пренесол вирусот во текот на бременоста или породувањето, информира Петковска.

Според неа понекогаш е разбирливо да има и негативни коментари од незадоволни родилки, посебно ако судбината не била милозлива кон нив.

-За жал некогаш ниту ние ниту докторите не сме моќни да помогнеме. Понекогаш имаме и мртвородени, тогаш се обидуваме да им бидеме утеха на мајките, иако за тоа утеха е тешко да се најде. Но, верувам дека инцидентните случаи не ја рушат довербата која пациентките ја имаат во акушерките и докторите од Клиниката за гинекологија и акушерство, завршува нашата соговорничка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот