ВИДЕО: Влажни марамчиња, градежен шут и остатоци од храна се почесто завршуваат во канализација

Влажните марамчиња, остатоците од храна дури и градежен шут и остатоци од асфалт често завршуваат во канализационата мрежа. Овој проблем во функционирањето на канализацијата го предизвикуваат несовесните граѓани и компании, рече денеска во Утрински брифинг раководителот на секторот Канализација во ЈП Водовод и Канализација, Саша Атанасов.

-Проблемот мора да почне да се решава од домаќинствата. Секој од нас треба да биде свесен за штетата која ја предизвикува со секоја фрлена влажна марамица во одводот, тоа посебно се забележува во време на пандемија кога е зголемена употребата на истите. Поразително е тоа што се фрлаат дури и пелени, а во ревизионите шахти се фрла дури и градежен шут, а честопати и остатоци од асфалт кој откако ќе се стегне е многу тешко да се отстрани. Среќа што имаме специјални возила со вакум и притисок но честопати мораме и рачно да ги чистиме запушените одводи, објаснува Атанасов.

Слични проблеми настануваат и при запушување на сливниците. Атанасов вели дека редовно ја следат временската прогноза и при најавени врнежи од дожд или снег редовно ги чистат сливниците за да нема излевања и поплави на улиците.

Канализацијата во Скопје е со должина од 1.100 километри, од неа 7 посто е фекална канализација, а 30 посто е атмосферска канализација. Во оджувањето на истата помагаат 48.000 ревизиони шахти и околу 20.000 сливници со решетки кои овозможуваат одведување на атмосферските води од коловозите. Раководителот на одделот за канализација вели дека канализационата мрежа во Скопје е квалитетна и може да ги издржи дури и новите приклучоци од домаќинствата кои што се вселуваат во новите станбени единици, само доколку сите совесно се однесуваат и не фрлаат разни предмети во канализација.

-Интензивно работиме и на пречистителна станица и сметам дека за 3-4 години ќе можеме да дојдеме до првата фаза на проектот што ќе може да се користи. Таа би се наоѓала на територијата на Трубарево. Двата големи колектори од Ѓорче Петров кон Аеродром и сега ги собираат отпадните води, ги одведуваат до препумпна станица, а со пречистителната станица ќе се изврши биолошко-техничко и механичко прочистување на водата. Таква мала пречистителна станица има во Волково каде што се прочистуваат водите и се испуштаат во реката Лепенец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот