ВИДЕО | Влатко Стефановски донираше плочи, списанија и книги за студентите во Штип

Фото: Фејсбук/УГД

Македонскиот музичар Влатко Стефановски донираше дел од својата приватна колекција на плочи, музички списанија и книги на Музичката академија на Универзитет „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, објави порталот „Гоце“.

Стефановски присуствуваше на Свечената церемонија по повод 16-годишнината од основањето на УГД, каде прими признание за неговата соработка со универзитетот. Пред неколку години, легендарниот гитарист и основач на музичката група „Леб и сол“ имаше настап и мастер клас на УГД, заедно со Мирослав Тадиќ.

Музичарот вели дека за Штип го врзуваат многу спомени и дека тука создал прекрасни пријателства додека служел војска.

– Штип ми е во срцето затоа што тука поминав една година од мојот живот. Јас стекнав многу пријатели додека живеев тука и имав навистина срдечни дружби со еден многу интересен свет – од уметноста, културата итн. Со УГД се зближив преку Тони Китановски, кој беше декан на Музичката академија, а овој универзитет ме предложи да ја добијам Државната награда „11 Октомври”. Јас тоа не можам да го заборавам затоа што на никој претходно не му текна да ме предложи. Трета работа е тоа што син ми Јан Стефановски студира на овој универзитет, на класата за џез музика. Четврта работа е што сакам симболично да се оддолжам за сите тие вниманија кои овој универзитет ми ги има покажано. Јас цел живот бев претплатен на некои музички списанија и собрав прилично голема количина, па ми се виде добра идеја и студентите да можат да ги разгледаат – изјави Стефановски за порталот „Гоце“.

Стефановски верува дека и во иднина ќе има прилика да се продлабочи соработката и меѓусебната почит кој ја имаат тој и УГД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот