ВИДЕО | Урсула фон дер Лајен: На Европа ѝ треба душа

Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер Лајен / Фото: EPA-EFE/YVES HERMAN / POOL MAXPPP OUT

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера го одржа својот годишен говор за состојбата на Европската унија пред европратениците, на пленарната сесија во Стразбур. Таа ја претстави политиката што ќе ја води европската извршна власт во текот на годината, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Шефицата на европската извршна власт ги претстави главните оски на нејзината политика во наредните години: особено околу животната средина по алармантниот извештај на експертите за климата од август, воспоставување на дигитален пазар, управување со ковид-19, европските даноци …

„Гледам силна душа” во сѐ што прави Комисијата, нагласи на почетокот од своето обраќање Урсула фон дер Лајен, пред Европскиот парламент во Стразбур

– На Европа ѝ треба душа, идеал и политичка волја да му служи на тој идеал, рече таа

Претседателката на Комисијата изрази и задоволство за бројот на вакцини произведени во Европа во однос на ковид-кризата, како и за бројот на вакцинирани лица. Европратениците на тоа и аплаудираа.

– Сепак, не смееме да се потпираме на своите ловорики, рече Урсула фон дер Лајен, мислејќи особено на вакцинацијата во сите земји во светот.

Комисијата ќе даде повеќе од 200 милиони дози во програмата Ковакс, што им овозможува на земјите во развој да примат вакцини.

Урсула фон дер Лајен, исто така, го поздрави воведувањето на дигиталниот сертификат: „За тоа одлучивме за три месеци и за три месеци го добивме. Европа беше првиот регион во светот што го стори тоа”, рече таа.

Претседателката на Европската комисија целиот прв дел од својот говор го посвети на управувањето со пандемијата, а најави и финансирање од 50 милијарди евра до 2027 година за новата структура на ЕУ (ХЕРА) за здравствена подготвеност и отпорност.

Откако зборуваше на англиски, претседателката на Комисијата на француски потсети дека на медицинскиот персонал и работниците од првите редови им се аплаудираше секоја вечер.

– Можеби аплаузот престана, но силата на нашите емоции мора да продолжи, рече таа.

Таа смета дека мора да се продолжи да се подобрува социјалната Европа.

– Нема подобро поминато време отколку да бидеме со нашите сакани, рече таа и најави дека ќе има законодавство во оваа насока.

Претседателката на Комисијата сака да им ја даде секоја шанса на младите „кои страдаа толку многу за време на пандемијата”. Таа најави дека идната програма „Алма” треба да им овозможи на младите во неповолна положба да можат да имаат искуство во друга земја-членка. 2022 година ќе биде „година на европската младина”, најави таа. „Година посветена на вреднување на младите луѓе”, рече таа.

Урсула фон дер Лајен потоа повторно на англиски се осврна на прашањето за борба против глобалното затоплување. Таа потсети дека преминот кон повеќе екологија не треба да биде синоним за социјална штета.

– Можам да ви кажам дека ЕУ ќе го удвои надворешното финансирање за проекти поврзани со одржлив развој, најави таа, утврдувајќи ја КОП26 во Глазгов како цел за ова.

Иако „Зелениот пакт” ќе биде главната оска на следното законодавство на Комисијата, Урсула фон дер Лајен не навлезе во деталите за иднината. Таа остана на општи забелешки, избегнувајќи на пример да ги прецизира своите размислувања за тежината на нуклеарната енергија во европската енергетика.

Во врска со Авганистан, таа истакна дека Европа е на страната на авганистанскиот народ и информира дека ЕУ во наредните недели ќе претстави програма за поддршка на Авганистан” од 100 милиони евра дополнителна помош”, без да прецизира колку бегалци ќе бидат сместени на континентот. „Да го избегнеме ризикот од глад”, рече таа.

Урсула фон дер Лајен најави Европски самит за одбрана” со претседателот Емануел Макрон за време на француското претседателство со Советот на ЕУ во првата половина на 2022 година. „Ни треба одбранбена Европа”, објасни таа. Таа не ја става оваа идна одбранбена Европа надвор од НАТО, која е „единствена сила”, потсети таа и побара нова декларација за заедничка соработка со Алијансата. Меѓутоа, „ќе има мисии каде што ОН или НАТО нема да бидат присутни, но Европа треба да биде, со лекари, хуманитарни работници, дипломати, адвокати … она што ни треба сега е Европска одбранбена унија”, рече таа.

Урсула фон дер Лајен исто така смета дека Европа мора да биде автономна кога станува збор за кибер-одбраната.

Притоа изрази поддршка за Полска и Литванија, кои се соочуваат со масовниот прилив на мигранти, охрабрени да се обидат да влезат во ЕУ од режимот на Лукашенко.

– Ова е напад за дестабилизација на Европа, ајде да ја кажеме вистината, и нема да го прифатиме.

Според Лајен, ќе се предложи забрана за производи на европскиот пазар, направени со принудна работа, бидејќи човековите права не се продаваат, по секоја цена”, рече таа пред европратениците.

– Глобалната трговија е добра и неопходна, но таа никогаш, никогаш не може да биде на сметка на достоинството и слободата на луѓето.

Претседателката на Комисијата е недвосмислена за вредностите споделени во Европската унија: „ние сме решени да ги браниме овие вредности. Пресудите на ЕСП се обврзувачки и сите држави мора да ги почитуваат”, потсети таа, особено,мислејќи на Полска и Унгарија.” Во некои земји-членки, ситуацијата се развива на загрижувачки начин”, рече таа.

Следниот годишен извештај на Комисијата за состојбата на правото во секоја земја од ЕУ „дополнително ќе вклучува конкретни препораки” за тоа како да се подобри ситуацијата. Таа го поздрави фактот дека Малта, на пример, веќе презела чекори за подобрување на состојбата во земјата од овој аспект.

Урсула фон дер Лајен го заврши својот говор на нетрадиционален начин.

Таа аплаудираше на параолимписката атлетичарка Бебе Вио, освојувачка на златен медал во Токио, претставувајќи ја како пример за борба и напор. „Ако изгледа невозможно, тоа може да се направи”, рече таа, цитирајќи на италијански, „да живее Европа!”

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, најави дека во септември ќе го посети Западен Балкан, нагласувајќи дека инвестирањето во иднината на регионот е инвестирање во иднината на Европската унија.

– Пред крајот на месецот, ќе одам во регионот за да испратам јасен сигнал за нашата посветеност кон процесот на проширување, рече Фон дер Лајен во својот говор за состојбата на Унијата.

– Тоа им го должиме на сите млади луѓе кои веруваат во иднината на Европа, додаде таа.

Во обраќањето пред членовите на Европскиот парламент, Фон дер Лајен рече дека ЕУ затоа ја зајакнува својата поддршка преку нов Економски и инвестициски план.

– Инвестирањето во иднината на Западен Балкан е инвестирање во иднината на ЕУ, рече претседателката на ЕК.

Извор: МИА

Видео на денот