(ВИДЕО) Украинските специјални сили нападнаа руска база во Сирија
Украинските специјални сили од групата Химик на Главната управа за разузнавање (ГУР) извршија ненадеен напад врз руска воена база во Сирија, соопшти извор од военото разузнавање на Украина.
„Киев пост“ објави дека операцијата, спроведена на југоисточното предградие на Алепо, била насочена кон објект што го користат руските сили за производство и тестирање на беспилотни летала, како и за склопување на импровизирани експлозивни направи.
„Киев пост“ доби ексклузивна снимка од нападот, на која се гледа знаме ГУР во близина на гаража пренаменета како руска база.
Набргу потоа, силна експлозија го потресе местото, проследена со секундарни детонации, најверојатно од муниција складирана во објектот.
Иако точната локација и времето на нападот не може да се проверат независно, се чини дека операцијата се случила среде бел ден, во средина слична на пустина.
Снимката е најнова во серијата тајни операции на украинските специјални сили против руските интереси во Сирија.
Целната база во Алепо, наводно, била стратешки центар за војување на Русија со беспилотни летала и за правење на импровизирани бомби.
Украинските разузнавачи веруваат дека овие објекти биле директно поврзани со руските операции во регионот, обезбедувајќи критична поддршка на руските воени активности и во Сирија и пошироко.