ВИДЕО: Тре Јанг е незапирлив, Атланта со победа ја отвори финалната серија на Истокот
Атланта хоукс направи брејк на стартот од финалната серија во Источната конференција откако го совладаа Милвоки бакс со 116:113.
Милвоки беше подобар тим во првото полувреме, но третата четвртина Атланта фати резултатски приклучок и во последните 12 минути влезе со предност од 88:85. Во одлучувачката четвртина се водеше голема борба, а Милвоки благодарение на Јанис Адетокумпо дојде до нова предност која ја чуваше до последната минута.
На 30 секунди до крајот, Клинт Капела погоди за 112:111 за Атланта, додека Јанг до крајот ги погоди сите четири слободни фрлања. Во последната секунда Крис Мидлтон го промаши шутот за три поени кој можеше неговиот тим да го однесе во продолжението.
Интересно ова е прв пораз на Милвоки на домашен терен во овогодинешниот плеј-оф.
– Отсекогаш сум сакал да играм на гостински терен, против домашен тим, против домашна публика. Таквата атмосфера прави во гостинскиот тим да се чувствува единството – изјави Тре Јанг кој игра неверојатно во плеј-офот.
Токму Јанг беше најпрецизен на натпреварот со 48 постигнати поени на кои им продаде и 11 асистенции. Џон Колинс постигна 23 поени и 15 скокови, додека Капела оствари дабл-дабл од 12 поени и 19 скокови.
Кај Милвоки, прво име беше Јанис Адетокумпо со 34 поени и 12 скокови, додека Џру Холидеј постигна 33 поени. Вториот натпревар од серијата ќе се игра во сабота исто така во Милвоки.