ВИДЕО: Тежок инцидент во Секирци – Фикрет од Пешталево дивеел со кола, сакал да влета во толпа луѓе

Тежок инцидент се случил вчеравечер во прилепското селото Секирци, каде пијан жител на соседното Пешталево дивеел со автомобил и тргнал да гази толпа луѓе, а потоа пред полицајци со тупаница удрил еден од организаторите на селската прослава на Спасовден.
Во штурото полициско соопштение за настанот се вели дека 35-годишниот насилник тргнал со колата кон толпата, но, за среќа, автомобилот му застанал и била избегната трагедија.
– На 25.05.2023 околу 19:00 часот во с.Секирци полициски службеници го лишиле од слобода Ф.Б. (35) од с. Пешталево. Тој управувајќи го своето патничко возило „поло“ тргнал кон група луѓе кои биле собрани на среде селото, но бидејќи возилото се изгаснало, тоа сопрело, а повредени лица нема. Ф.Б. се обидел да избега, но бил спречен, а подоцна и приведен во полициска станица. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок – пишува во билтенот на МВР.
Локалните медиуми јавуваат дека станува збор за тежок инцидент, во кој возачот, кој бил многу пијан и наводно се налутил откако претходно луѓе го тргнале настрана, прво влегол во колата и почнал неконтролирано да вози напред-назад, по што го турирал возилото и тргнал кон насобраните луѓе, кои за среќа успеале да избегаат.
Како што пренесува порталот „Маркукуле“, инцидентот се случил за време на одбележување на славата Спасовден, кога голем број жители од Секирци и околните долненски села биле собрани на прослава, на која неповикан и пијан дошол извесен Фикрет од Пешталево.
Меѓу насобраните жители имало и дваесетина деца, кои преплашени од разбеснетиот возач бегале и плачеле, раскажуваат очевидците. Потоа организаторите на прославата повикале полиција, а пијаниот возач направил инцидент и пред полицијата – со тупаница удрил еден од организаторите, на што, според очевидците, полицајците воопшто не реагирале.