ВИДЕО: Театар пред домот на Кирил Петков, од ВМРО му протестираа пред влезната врата

Протест на ВМРО пред влезот на Петков/Фото: Скриншот

Десетина приврзаници на бугарското ВМРО утринава организираа собир пред домот на премиерот Кирил Петков кој денеска треба да биде во Собранието каде пратениците ќе гласаат за доверба на неговата влада.

Блокадата на домот на Петков, европратеникот од ВМРО Ангел Џамбазки во живо ја пренесуваше на Фејсбук и побара неколку одговори од Петков за прашањата со РСМ.

-Причината поради која сме тука е тоа што сакаме да слушнеме од премиерот одговори на прашања кои мислиме дека се важни во однос на двојната надворешна политика кон Северна Македонија, рече Џамбазки и праша кога премиерот ќе поднесе оставка.

Овој мини протест на ВМРО се организираше под мотото „Не ја предавајте Македонија“ во смисла на заштита на правата на Бугарите од другата страна на бугарската граница. Малкумината носеа испечатени листови со пораки: „Оставка“, „Македонија не се продава“ и „Петков национален предавник“.

Според ВМРО, бугарската владата изгласала скандалозно заобиколување на официјалната процедура, со исклучување на Министерството за надворешни работи од процесот и префрлање на решавањето на работата на Комисијата за надворешна политика во Собранието. Овој акт всушност ја прикажува Рамковната позиција и Декларацијата на Парламентот од 2019 година, како и одлуката на Советодавниот совет за национална безбедност од февруари 2022 година, нагласуваат од таму.

-Сакам што било како предлог да биде разгледано на отворена седница и да се запознае бугарското општество. Во моментов, сепак, гледам одложување на Комисијата за надворешни работи. Во предлогот гледам крајно слаба гаранција во истечените текстови. Јас лично не видов ништо официјално напишано“, рече европратеникот Џамбаски, познат по своето нападно однесување и во Европарламентот.

-Во моментов гледаме одложување, губење време, тактички потези во поглед на гласањето за недоверба. Тоа што предлогот не е разгледан и прикажан ми покажува дека господинот Петков се плаши да го поднесе, бидејќи се плаши од ескалација пред гласањето, смета Џамбазки.

Европратеникот пред новинарите рече дека не дошол пред куќата на Петков за да и` попречува на сопругата и на семејството туку само застанале на тротоарот кој е јавна површина и тие не знаат точно дали Петков утрово е таму.

Инаку денеска, шест месеци откако „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков и Асен Василев победи на изборите и формираше коалициски кабинет заедно со БСП, „Демократска Бугарија“ и „Има таков народ“, Народното собрание расправа за гласање недоверба на владата. Барањето го покрена ГЕРБ поради неуспех во финансиската и економската политика на земјата.

Во главниот град на Бугарија денеска по тој повод најавени се дури шест протести и тоа на движењето „Да, Бугарија”, партијата „Препород”, партијата ВМРО-БНД, здружението „Толерантност” и национално движење „Хан Кубрат”.

На Бугарија не ѝ се брза, францускиот предлог ќе излизга низ роковите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот