ВИДЕО | Студен туш од СДСМ: Барањето за широка Влада е политички аматеризам, Мицкоски е несериозен политичар

Одговарајќи на новинарско прашање за најавите за формирање коалиција ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса за Албанците и предлогот за формирање на експертска Влада, Снежана Калеска -Ванчева, пратеничка и  координаторка на Форум на жени на СДСМ нагласи дека тоа е политички аматеризам.

– Би рекла дека е навистина политички аматеризам кога во ситуација на потреба од сите капацитети да се во функција на борба против сериозна пандемија со која што се соочува целиот свет и кога е потребна крајна сериозност, да се изјавува и да се бара нешто што би рекла дека е неодговорност, но тоа всушност е одговорност на Мицкоски , бидејќи само тој може да биде толку несериозен.
Бара предвремени избори а бега од предвремените избори во Штип. Ваквите изјави на Мицкоски всушност не доликуваат ниту на политичка дебата и веќе нема никакво ниво, ниту би рекла здрава логика да се дискутира било каков предлог кој што најчесто не опстојува ниту во текот на 24 часа.
Ова може да се каже дека е само уште едно блефирање и наместо тоа, Мицкоски треба да одговори што им кажал на Африм Гаши и Зијадин Села . Дали ќе го поништуваат Договорот од Преспа, дали тоа им го кажал? Им даде ли алтернативи за членството во НАТО? Дали им предложи идеолошкото обединување да го најдат во одбивањето да се даде поддршка на Законот за јазици? Му раскажа ли на Села што бараше на 27 април во Собранието? Тоа се тие прашања кои што мислам дека треба најпрво да ги продискутира со Африм Гаши и со Зијадин Села, рече пратеничката Калеска – Ванчева.

Претходно таа зборуваше за одлуката на уставниот суд за  повлекувањето на аболицијата на претседателот Иванов.

-Со ова падна во вода обидот на ВМРО-ДПМНЕ преку Ѓорге Иванов да ги спаси криминалците во сопствените редови. За потсетување, во 2016 година Иванов во обид да ги спаси криминалците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ги аболицираше сите обвинети во предметите на Специјалното јавно обвинителство, а потоа под притисок на граѓаните и Шарената револција одлучи, аболицијата да ја повлече. Токму повлекувањето на аболицијата и нејзината уставност, беше сламката на спас на обвинети, но и осудени лица од предмети на СЈО. Со одлуката на Уставниот суд, пропадна и последниот обид на обвинетите лица, да се амнестираат од одговорност. Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ повторно не успеаја да го одбранат криминалот во опозициската партија.Сега, предметите подигнати и водени од СЈО треба да добијат правна разрешница, низ ефикасни, транспарентни и законски судски рочишта, смета пратеничката.

Снежана Калеска -Ванчева, смета дека со носењето на Законот за Јавно обвинителство, за кој ВМРО-ДПМНЕ правел се за да не се донесе, предметите на СЈО сега се во надлежност на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

-Сега се гледа зошто ВМРО-ДПМНЕ по налог на Мицкоски, со сите сили се обидуваше да го закочи носењето на овој закон, важен за правната држава, важен за реформскиот процес. Затоа што се против правдата, затоа што се на страната на криминалот. Време е за ред, правда и дисциплина на сите нивоа. Време е надлежните институции, судовите, обвинителствата да се водат по законите и да испорачаат правда за сите отворени предмети, особено за оние кои се однесуваат на висока корупција, рече  Калеска -Ванчева.

Таа нагласи дека Република Северна Македонија е правна држава во која законите важат за сите подеднакво и дека одговорност мора да има и ќе има, „за секој што ги прекршил законите без разлика на неговата сегашна или мината функција, без разлика на неговата партиска припадност“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот