Видео стриминг сервисот „Хулу” под контрола на „Дизни”

Американската филмска компанија „Волт Дизни” презема контрола над видео стриминг сервисот „Хулу”, кој е главен конкурент на „Нетфликс” и „Амазон Прајм”.

Според договорот за купопродажба што беше објавен денеска, 33 отсто од акциите на сервисот остануваат во сопственост на телекомуникациската компанија „Комкаст”, додека контролниот пакет на акции ќе го преземе „Дизни”.

Согласно договорот, постои опција „Дизни” да може да го откупи и преостанатиот удел од 33 отсто, ако една од компаниите изрази подготвеност за тоа по јануари 2024 година.

Сегашната вредност на „Хулу” е 27,5 милијарди долари, но ако дотогаш таа порасне, тогаш „Дизни” ќе плати повисока цена за уделот на „Комкаст”.

Видео стриминг сервисот започна со работа во 2010 година и беше дел од телевизиите Ен-Би-Си и „Фокс”. Дизни очекува бројот на претплатници на сервисот до 2024 година да порасне од сегашните 27 милиони до 60 милиони корисници.

Според некои анкети, во САД се повеќе се намалува бројот на гледачите на класична кабелска телевизија, додека расте бројот на корисниците на видео стриминг. Лидер во оваа област е „Нетфликс”, сервис кој има речиси 150 милиони корисници, а неговата пазарна вредност е 152 милијарди долари.

Филмската компанија „Дизни” се стреми да навлезе на овој пазар и да стане сериозен конкурент со својата разновидна филмска содржина. Компанијата неодамна најави создавање свој стриминг сервис  „Дизни +”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот