ВИДЕО: Стативите го спасуваа Велс до 98 минута, голема победа на Иран

Иранците ја слават првата победа на Мундијалот во Катар/фото: EPA-EFE/Rungroj Yongrit

Денеска во првиот натпревар од второто коло во групата „Б“ репрезентацијата на Иран со 2:0 го совлада Велс и така остана во игра за една од првите две позиции кои водат во осминафиналето на Светското првенство.

Видовме еден многу интересен натпревар на „Ахмад бин Али“ Стадионот во Ал Рајан во кој први се заканија Велшаните, добра шанса имаше Кифер Мур во 12 минута, но немаше гол од играчот на Борнмаут.

Иранците возвратија, селекцијата предводена од Кеирош постигнува гол кој беше поништен поради офсајд. Со 0:0 се замина на пауза.

Во вториот дел иницијативата ја презема иранската репрезентација која пропушти неверојатни шанси во 52 минута. Најпрво Азмун одлично избега од одбраната и шутираше, но ја погоди стативата.

Потоа, една одбиена топка доаѓа до Голизада кој одлично шутираше, но и тој ја удри стативата на Хенеси.

Велшаните многу грешеа во своите акции кога требаше да се напаѓа, а на спротивната страна Иран беше поопасен и дојде до нова голема шанса во 73 минута кога Езтолахи се закани, но Хенеси спаси чист гол.

Конечно успеавме да видиме малку повеќе од Велс. Одлично враќање на Мур за Дејвис, имаше силен удар на дефанзивецот на Тотенхем, но голманот на Иран ја испрати топката во корнер. Во 86 минута голманот Хенеси прави голема грешка. Истрча надвор од своите 16 метри, го собори Тареми, но судијата на изненадување на сите покажа само жолт картон. Следуваше ВАР повик, одлуката беше сменета во црвен картон за голманот на „змејовите“. Ова беше и првиот црвен картон на Мундијалот 2022.

Баш кога мислевме дека ќе има поделба на бодовите, Иран кој направи уште поголем притисок, доаѓа до водство со прекрасниот гол на Чешми во 98 минута за 1:0. Велс беше немоќен поради фактот што имаше играч помалку на теренот, а тоа го искористи ривалот за уште еден погодок преку Рамин за голема радост кај иранските навивачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот