ВИДЕО: Српски актери предизвикаа шок во студиото на државната РТС – ги повикаа сите на протести

Актерите Марко Грабеж и Недим Незировиќ во гостување на РТС / 8 декември 2021 / фото: РТС/принтскрин

Младите актери во српската серија „Нечиста крв“, кои денеска гостуваа во утринската програма на српскиот јавен сервис РТС, предизвикаа шок во студиото кога, без никаква најава, ги поддржаа актуелните протести против властите во земјата и ги повикаа сите гледачи да им се придружат на блокадите поради најавите за изградба на рудник за литиум.

Откако одговараа на прашањата на водителката околу најновиот телевизиски проект во кој учествуваат, Марко Грабеж и Недим Незировиќ, пред да се поздрават и да го завршат гостувањето, на прашањето каде може публиката да ги гледа, одговорија: Во сабота во 14 часот, ќе бидеме во улога на граѓани на мостовите.

Во Србија со недели се организираат масовни протести поради плановите на властите и на мултинационалната компанија Рио Тинто за изградба на рудник за литиум во долината на реката Јадар во западниот дел од земјата. Активистите за заштита на животната средина велат дека проектот ќе предизвика еколошка катастрофа, а прашањето стана главна политичка тема во земјата.

„Можете да нѐ гледате во сабота во 14 часот, каде што не сме само јас и Недим, ние сме само граѓани во таа улога. Нема да има дваесетина луѓе, ќе има многу повеќе, околу 20.000 и повеќе, така што ние ги повикуваме граѓаните да протестираат на сите мостови во Белград и пошироко, во дури 50 градови во Србија“, изјавија Грабеж и Незировиќ на РТС, кој се смета за бастион на владејачката Српска напредна странка на претседателот Александар Вучиќ.

По неочекуваниот одговор, водителката само им се заблагодари на актерите, ги одјави и продолжи со програмата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот