ВИДЕО: Спектакл во Манчестер, Сити го победи Реал во меч со седум голови

Бернардо Силва еден од стрелците во победата на Сити против „кралевите“/Манчестер, Британија/26 април 2022/Фото: EPA-EFE/PETER POWELL

Во првиот натпревар од полуфиналето во Лигата на шампионите одигран на стадионот „Етихад“ вечерва Манчестер сити со резултат 4:3 триумфираше над Реал Мадрид.

По првиот дел водеа „граѓаните“ (2:1), стекнаа предност уште во втората минута со погодокот на Де Брујне, а потоа Белгиецот асистираше во 11 минута до Жезус за зголемување на позитивата.

Во 33 минута „кралевите“ успеаја да намалат преку својот најдобар стрелец, Бензема после асистенцијата на Менди.

Продолжи гол шоуто на овој меч во вториот дел, за 3:1 се погрижи Фоден, само 120 секунди подоцна Винисиус Јуниор стрелаше во мрежата на Едерсон.

Во 74 минута Силва го реализираше четвртиот гол на премиерлигашкиот гигант, а Бензема својот втор гол на средбата го имаше во 82 минута.

Ваквиот епилог најавува дека ќе биде доста неизвесно на реваншот кој ќе биде на 4 мај на стадионот „Сантјаго Бернабеу“ во Мадрид кога ќе се одлучи патникот во финалето на ЛШ.

Видео на денот