ВИДЕО | Собранието заложник на инциденти и пресметки, граѓаните најголеми губитници

Не е првпат Парламентот да е во „наелектризирана“ атмосфера откако некоја од политичките партии ја блокира неговата работа, како што сме и сведоци во изминативе денови. Она што деновиве е во фокусот на јавноста е инцидентот кој ескалираше со фрлање шолји, тацни и шишиња, слика која е недозволива за едно демократско општество.

Работите да бидат покомпликувани и тензични наместо демократски, хаотичната состојба меѓу пратениците продолжи и околу измените на Законот за работни односи кој се претвори во битка за микрофонот на претседавачите на комисиите.

Спикерот на Парламентот Талат Џафери кој и самиот пред месец дена беше предмет на недолично негово однесување, сега не го оправдува однесувањето на претседателот на Комисијата за европски прашања Арбр Адеми на седницата пред два дена, но вели дека сепак овој настан бил испровоциран, а тој во исто време немал ингеренции да побара одговорност од пратениците.

Нефункционирањето на правната држава, неказнивоста на политичарите за непримерното однесување во Собранието, па и во јавниот живот остава негативни последици врз општеството вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во разговор за „Слободен печат“.

– Кај нас веќе не владее правото, ако не владее правото владеат некои други критериуми како неправо каде носителите на функции или оние кои се на власт не одговараат за своите постапки вклучително и за насилно однесување или евентуална повреда на некои пратеници. Гледаме дека обичните граѓани се казнуваат драконски за своето насилнично однесување, но кога тоа ќе го видиме од страна на пратениците тоа е во ред и не се санкционира- посочува Пекевски.

Во меѓувреме некултурата и нередите стана секојдневие за народните избраници во Законодавниот дом. Сите овие години санкционирањето на инцидентите и одговорност за истите недостасуваше, а тоа најчесто се заменуваше со извинување и заборавање на случките, посочуваат експертите.

Иако во некои земји со развиена демократија во последниве децении се поедноставуваат постапките за укинување на пратеничкиот имунитет, сѐ со цел оваа привилегија да не отстапува од принципот на еднаквост на сите пред законот и да се олесни започнувањето било каква правна постапка против пратеници, многу често, особено во земјите во транзиција, како Македонија, пратениците сѐ уште се заштитени на таков начин што против нив многу тешко може да се започнат истраги или пак кривичната постапка за некое дело.

ВИДЕО | Собраниската пресметка меѓу Адеми и Милошоски од друг агол

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот