ВИДЕО: Со војнички труби потпишана заедничката декларација со НАТО, од денеска земјата е целосно воено интегрирана во Алијансата

НАТО декларација
Потпишана заедничката декларација со НАТО/ Фото: МИА

Со потпишување на заедничката декларација од страна на командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација генерал Филип Лавињите и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска официјално се заокружи процесот на воено интегрирање на Република Северна Македонија во командните структури и во структурата на силите на Алијансата.

На церемонијата за потпишување на заедничката декларација, во вила Водно, присуствуваа и претседателот и Врховен командант на Вооружените сили Стево Пендаровски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Претседателот Пендаровски, порача дека за нас, патот до полноправно членство во НАТО не беше лесен, но дека со активирањето на НАТО поканата за членство, како држава добивме поголема меѓународна видливост и дипломатски потенцијал за реализација на стратешките политички и економски интереси.

– Предвидливата иднина која ја обезбедува членството во НАТО е основа за продолжување и на демократските реформи во земјата што повратно влијае врз економскиот раст и повисокиот животен стандард на граѓаните. Во потесна воена смисла, имаме корист и од споделувањето на знаење генерирано од Сојузничката команда за трансформација, како и од проширените можности за испраќање кандидати за образование и обука во другите НАТО членки, Експертизата која ја добиваме од постарите членки е од суштинско значење за понатамошно трансформирање на нашиот безбедносен и одбранбен систем. Во тој контекст, благодарни сме им на САД, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Турција, како и на другите членки на Алијансата за билатералната соработка и помош, изјави Пендаровски.

Генералот Филип Лавињит, изрази честитики за брзото и успешно завршување на военото интегрирање на државата во Алијансата, нагласувајќи дека Северна Македонија може да смета на солидарноста и поддршката на НАТО сојузниците.

– НАТО проширувањето се покажа како ефикасен механизам за одржување долгорочна стабилност и сигурност. Денеска изразуваме благодарност на Северна Македонија за придонесување за стабилноста во Југоисточна Европа и НАТО. Потпишувањето на заедничката декларација претставува не само значаен успех за вооружениет сили на Северна Македонија, туку и го потврдува јакнењето на Северна Македонија како доверлив и значаен партнер на Алијансата, изјави Лавињит.

Министерката за одбрана Шекеринска, по повод потпишувањето на заедничката декларација, порача дека денеска сме на крајот на патот од илјада милји, заполнат пред 30 години, но и дека започнуваме нов пат за целосна модернизација на Армијата.

– Покажеме дека нашето членоство во НАТО не беше само политичка одлука, туку резултат на крупни реформи. Оваа цел успеавме да ја постигнеме за 19 месеци од потпишувањето и претставува најбрза воена интеграција во Алијансата, изјави Шекеринска.

На потпишувањето, генерал-потполковник Ѓурчиновски, нагласи дека денеска успешно завршува интегративниот процес што практично ја отсликува напорната тридецениска работа како држава и како Армија.

Завршувањето на процесот на воена интеграција во НАТО е доказ за посветеноста на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија во исполнување на дадените цели кои се одвиваат преку трансформациските процеси во Mинистерството за одбрана и Армијата.

Видео на денот